Инспекторатот за јазици, кој беше оформен со последните измени на Законот за употреба на јазиците, работи со само 17 вработени иако по систематизација треба да има 76
Агенцијата за примена на јазикот, пак, има пополнето 35 од вкупно 78 систематизирани работни места. Со толку малку луѓе, не можат да постигнат да ги задоволат ниту сегашните потреби, а директорот укажува дека има и законски нејаснотии кои влијаат врз нивната работа
Тензиите сѐ уште не се спласнати по минатонеделните настани во и околу Уставниот суд.
„Овие луѓе што етнички се таму не треба да ja донесат најпогрешната и најлошата одлука бидејќи тоа не е добро за здравјето, ни за демократијата или соживотот, ниту помага во стабилните меѓуетнички односи“.
рече Ахмети.
Коалицијата опозициски партии „Европски фронт“ на чело со ДУИ стражареше за албанскиот јазик затоа што Уставниот суд на дневен ред имаше реферат за сите иницијативи во врска Законот за употреба на јазиците кој стапи во сила во 2019 година.
Како што објави „360 степени“ пред седницата, рефератот не предлагаше укинување, поништување или привремено запирање на спроведувањето на законот. Се предлагаше оценка на уставноста на одредби за кои забелешки имаше и Венецијанската комисија, а кои и досега не се применуваа во пракса.
На крај, одлуката се одложи.
„Значи подготвителната седница ќе се одржи во оној момент кога, како што слушнавте, судија известител има побарано амикус курие, тој е пријателски совет и тоа нема никаква врска со мислењето што Венцијанска комисија го давала за законот“,
рече претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.
Тоа значи дека за каква било одлука во врска со Законот за јазиците ќе се почека барем четири-пет месеци. Ние, пак, решивме што побрзо да направиме друг вид проверка – колку во пракса функционираат институциите кои се основани за да се грижат за примена на јазикот.
Почитувањето на одредбите од Законот за употреба на јазиците го проверува Инспекторат за употреба на јазиците. Првиот податок кој кажува многу за оваа институција е следниот:
Според систематизацијата, оваа институција треба да брои 76 вработени. Досегашните директори успеале да се изборат да бидат вработени само 17 лица. Таа бројка е речиси непромената од основањето во 2021 година.
Директорот на Инспекторатот, Арсим Идризи, кој е кадар на „Вреди“, најавува 70 вработувања. Но, не веднаш, туку во следните четири години. Најголем недостиг, вели, има од инспектори.
„Имам недостиг на кадар речиси во секој сектор. За секој сектор сме поднеле барање до Министерството. Чекаме до крајот на годината да ни вратат позитивен одговор барем за три вработувања во Инспекторатот. Имаме поднесено барање за двајца советници, поточно менаџирање и сметководител и едно за лектор или преведувач на албанско-македонски или македонско-албански јазик“.
рече Идризи.
Според полугодишните извештаи, институцијата ја завршила 2021 година со тројца инспектори. На крајот на јули годинава, таа бројка стигнала до осум. Со повеќе инспектори, се зголемил и бројот на надзори. Од 12 во второто полугодие на 2021, на 96 во првото полугодие од годинава.
Раст има, но вкупните бројки сѐ уште се скромни, оценуваат од Инспекторатот. На прашањето – колку од овие надзори на крај завршиле со казни, не добивме директен одговор. Директорот Идризи вели дека нивно е да извршат надзор и ако има прекршување, предметот да го донесат пред суд.
„Ние не сме инспекторат што изрекува казни. Ние како инспекторат подготвуваме записник и на крај го доставуваме до Основниот суд Скопје. Понатамошните постапки се судски постапки во кои не можеме да навлегуваме како и колку. Но, во Законот за употреба на јазиците, член 22 се вели дека на секоја институција што не го почитува јазикот и се одредува глоба од 5 000 евра, од кои 5 000 евра, 30% се казнува раководителот на таа институција ако не го применил јазикот. Но, сето тоа е работа на судот.Дури и ако се случило хипотетички да се казни некоја институција за делото што го направила, тогаш тие казни одат во републичкиот буџет, а не во буџетот на Инспекторатот за употреба на јазиците“.
рече Идризи.
Втората институција што се основаше со Законот за употреба на јазиците е Aгенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија.
Што се однесува до кадарот и таму не е сјајно.
Според систематизацијата, институцијата треба да има 78 вработени. Во моментов има 35.
Со оглед на обемот на работа, директорот на Агенцијата, Гранит Османи, вели дека не можат да работат како што треба.
„Не можеме да функционираме бидејќи од вкупниот број вработени во секторот преведување и лекторирање има 11 административни службеници. Во исто време, Агенцијата врши преведување и лекторирање на голем број документи кои државните институции ни ги испраќаат. Капацитетот на кадарот е мал во споредба со обемот на работа“.
рече Османи.
И Гранит Османи е кадар од коалицијата „Вреди“. Па, имајќи предвид дека на директорското место доаѓа како наследник на кадар од „Европскиот фронт“, го прашавме што мисли за „стражата за јазикот“ на нивниот политички ривал.
„Секој поединец, секој субјект има право да протестира, без разлика на сè, но имаа доволно време да ги поправат овие закони и да ги надминат овие проблеми што се појавија. Нивните протести беа повеќе како маскота да ги покријат нивните пропусти, да не велам и не заинтересираност за примена на јазикот како што заслужува албанскиот јазик“.
вели Османи.
Во однос на постапката што ја води Уставниот суд, Османи вели дека тој лично нема законско право да даде мислење или да толкува одлука на Уставен. Но, како прв човек на Агенцијата која ги спроведува одредбите на оспорениот закон, вели дека законот има технички недостатоци.
„Особено сакам да го потенцирам член 19, став 1, точка 1, каде што е наведено дека Агенцијата за примена на јазиците им доаѓа на помош и поддршка на државните институции, вклучувајќи го преводот и лекторирањето на документи. Но, не е дефинирано овде кои документи. Дневните, неделните, интерните? Бидејќи ако Агенцијата ги прави секојдневните преводи се губи вредноста на оваа институција. Односно, се претвора во институција налик на преведувачка канцеларија“.
рече Османи.
Улогата на опозицијата е да се спротиставува, вели директорот на Инспекторатот Арсим Идризи, прашан за „стражата“ пред Уставниот суд. Но, апелира да бидат поконкретни и да оперираат со факти.
„Само четири или пет месеци, колку што сум раководител на Инспекторатот за употреба на јазиците, направивме над 50 инспекции за четири месеци. Од тие 50 инспекции, повеќе од 30% од субјектите почнаа да го користат албански јазик. Конкретно, на пример, овде можам да спомнам некои институции. На пример, институцијата за Државен испитен центар. Досега тие работеа само на македонски јазик и со наша интервенција, со наше инсистирање, почнаа сега кандидатите Албанци секој државен испит да го имаат на два јазика. За пример сакам да ја издвојам институцијата Фонд за здравство. Досега сите бевме сведоци дека упатствата беа само на македонски јазик и се беше само на еден јазик. Со увидот на инспекторите на Инспекторатот за применување на јазикот и таму почна двојазичноста. Тоа се и факти кои се во спротивност со она што го кажува опозицијата“.
вели Идризи.
Според годишните истражувања на Агенцијата за примена на јазикот, во 2023 година, од примерок од 61 институција, половината ги објавувале актите во „Службен весник“ само на македонски јазик.
Па, се чини, најголемиот предизвик за Законот за употреба на јазиците е слабиот капацитет на институциите што треба да гарантираат негова примена.
Тоа не е во надлежност на Уставниот суд.