Експремиерот честитката ја упати преку видеопорака објавена на своите профили на социјалните мрежи, но и преку Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ која беше регистрирана во јуни годинава
Автократите сакаат да го искористат ова време и уште поцврсто да владеат со народот, но нашиот народ е мудар и храбар, порачува поранешниот премиер Зоран Заев во честитката по повод 15 Септември – Меѓународниот ден на демократијата.
„Почитувани граѓани, демократи, слободари, обични луѓе, работници, бизнисмени, политичари, ова е време на соочување со пандемија и со војна. Време кое автократите сакаат да го искористат за уште поцврсто да завладеат со народот, држејќи го во страв и неизвесност. Но, нашиот народ е мудар и храбар. Со демократски глас ги спречивме оние кои сакаат со насилство и крв да ја убијат демократијата. Го запревме владеењето со народот. Денес имаме владеење на народот“,
вели Заев.
Денес, додава експремиерот, одлучуваа тие што гласаат, а не оние што бегаат. Гласот, вели тој, е слушнат, разбран, уважен и испочитуван.
„И кога го почитувате гласот на граѓаните, демократијата останува запишана како победник во историјата. Горд сум на нашите граѓани кои не само што ги освоија слободата и демократијата, туку и ги негуваат и развиваат. Токму затоа – и кога бев тоа што бев, и кога сум тоа што сум, демократијата била, е и ќе биде мојот најголем идеал. Нека ни е честит и вечен Денот на демократијата“,
вели Заев.
Експремиерот честитката ја упати преку видеопорака објавена на своите профили на социјалните мрежи, но и преку Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“.
Дека ќе се посвети на лична фондација, Заев најавуваше уште пред повлекувањето од премиерската функција, а официјално таа беше впишана во Централниот регистар во јуни годинава. Фондацијата тогаш беше основана со главнина од 20 000 евра, а како сопственици при регистрацијата беа запишани Зоран и Вице Заеви, додека експремиерот беше наведен и како директор.
