Зборувајќи за вековниот стремеж за своја сопствена држава, премиерот рече дека македонскиот народ никогаш не водел освојувачки војни, туку водел и организирал отпор и револуционерни борби за создавање на своја држава. Македонскиот народ, додаде тој, водеше борба на интелектуално поле, на културни натпревари и со аргументи за идејата за своја држава
Денес Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани. Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво, порача премиерот Зоран Заев во неговото обраќање на централната прослава по повод 30 години независност.
Зборувајќи за сегашноста, тој посочи местото на земјава во Обединетите Нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет и нагласи дека со решителност се постигнати Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција. Според Заев, со овие договори е направен и пробив на меѓународен план.

„Реализиравме една од стратешките цели – членството во НАТО. Нашето државно знаме развиорено во кругот на знамињата на нашите НАТО сојузници е силен говорник за реализацијата на една од нашите најважни стратешки цели за државата зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година“,
рече Заев.
Тука тој го потенцираше и посакуваното членство во ЕУ. Имаме, потсети Заев, безусловна препорака за старт на преговори, Советот на ЕУ даде зелено светло и сите земји-членки се согласија со тоа. Имаме и серија на исклучително позитивни извештаи од Европската комисија и постојано се европеизираме, додаде премиерот и порача дека ЕУ сега има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западен Балкан е жив и оти европските вредности се уште се реалност.
„Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан достоен за 21 век. Балкан на пријателство и соработка и без предрасуди. Тоа е продуктивен пат на заедничката регионална политика, соработка и заедништво. Тоа е и Отворен Балкан. Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега сме позитивен пример, модел што другите сакаат да го следат. Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив. Создаваме нови односи со соседите. Пријатели сме со сите. Ја зајакнуваме соработката“,
рече Заев во дел од неговото обраќање.
Премиерот претходно се осврна и на историјата порачувајќи дека од најдоброто во минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина.
„Во јубилејот 30 години независност е собрана нашата историја, нашите надежи, нашите сеќавања, нашите остварени стремежи. Сите ние денеска сме дел од вековно долгата низа граѓани, активисти, основоположници и патриоти кои ги вложија своите ангажмани и животи за каузата и правдата, за создавање на нашата држава. Сите кои придонесоа во изградбата на државата се патриоти и големци, втемелувачи на општествениот систем и на институциите, градители и чувари на демократијата, знаменосци на слободата, творци на мирот и стабилноста“,
рече Заев.
Зборувајќи за вековниот стремеж за своја сопствена држава, премиерот рече дека македонскиот народ никогаш не водел освојувачки војни, туку водел и организирал отпор и револуционерни борби за создавање на своја држава. Македонскиот народ, додаде тој, водеше борба на интелектуално поле, на културни натпревари и со аргументи за идејата за своја држава.
Нашите народи, рече Заев понатаму во обраќањето, без никаква дилема застанаа и на вистинската страна на историјата – на страната на прогресивните антифашистички сили.
Заев во обраќањето ги спомена сите етнички заедници кои живеат во државите, им оддаде почит и на првиот претседател на самостојна Република Македонија, Киро Глигоров, на загинатиот претседател Борис Трајковски, како и на првиот премиер, Никола Кљусев.
„Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци … Почитувани Бугари, Хрвати, Црногорци, Грци, Словенци и сите други, Северна Македонија е земја на сонцето. Земја на светлината. Народот и поетите тука пееја дека секогаш со орелски крилја им се враќаат на Охрид и Струга за да ја згреат душата додека сонцето светло зајдува зад горските убавини. Тука каде што дарбите природата со сета раскош ги дарила. Да си ја чуваме оваа убава држава. Да си ја чуваме светлината дадена од пред векови и векови, и да останеме деца на светлината. Застапници на добрината, на честа, на достоинството, на почитта кон другиот, на добрососедството“,
порача Заев.
Пред премиерот Заев, на централната прослава се обрати и претседателот Стево Пендаровски, а видеообраќање имаше и претседателот на Собранието, Талат Џафери.