Клучните историски факти за македонската нација нема да бидат предмет на политичка ревизија. Нашето право на самоопределување никој не може и не смее да го оспорува. Излезете и потврдете ја шансата за нашата земја да продолжи да се нормализира, да се стабилизира и никогаш повеќе да не падне под режим! Никако назад, вели лидерот на СДСМ во видеопорака до граѓаните
Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев во видеопорака до граѓаните повика на масовна излезеност на гласачките места в недела, кога ќе се одржи вториот круг од локалните избори, за, како што вели, да не дозволиме со земјата и со градовите да завладеат неизвесност и опасност.
„В недела правиме избор помеѓу искрени политичари, кои не се безгрешни, секако, но народни и отворени или, пак, оние другите, политичари без став, со скриени агенди, бранители на криминалот, политичари со кои не знаеш на што си, опасни за државата. Некои велат дека искреноста била мојата слабост, други ќе се насмеат на некој гаф од јавните настапи, но јас сум тој, Зоран Заев, еден од вас, еден од народот. Па, не си божество ако си премиер. Заврши времето кога на големците не можеше името да им се спомне. Летаа одмазди и закани на сите страни. Но да знаете, додека сум јас тука – тоа нема да се повтори. Премиерот е и ќе продолжи да биде прв меѓу еднаквите, ништо повеќе. А, таков мора да биде и градоначалникот“,
вели Заев во обраќањето до јавноста.
Многу повеќе грижа и многу повеќе ефикасност во служењето кон граѓаните, вели Заев, е промената која ја внесуваме и во централната и во локалната власт и внатре во СДСМ како партија. Според него, станува збор за сериозна промена во односот и испораката на услуги од страна на институциите, од функционерите и од администрацијата – до граѓаните.
„Погледнете ги изминатите четири години. Споредете ги со оние 11 пред тоа. И донесете одлука. Дали да талкаме неодлучно, де на Исток, де на Запад, пола чекор напред, три чекори назад? Дали сакаме несигурност, без стратешки партнери и меѓународни пријателства? Дали сме за нови конфликти, за кавги, за граѓани од прв или втор ред? Ако го имате одговорот на овие прашања, тогаш носете одлука. Недела е денот кога треба да го зададеме правецот за општини кои работат за народот, но и за демократска и современа држава, меѓународно етаблирана, партнер со големите сили, за општество во кое доминира грижата за луѓето, за Северна Македонија која оди напред, стабилна, мирна и просперитетна,“
вели лидерот на СДСМ.
Тој се осврнува и на интеграциските процеси во земјата, посочувајќи дека НАТО е реалност, а ЕУ ни е на дофат, ако останеме на прогресивниот автопат кој води до демократски и европски стандарди и вредности. Македонскиот идентитет, нагласува, е признаен, верификуван и бетониран како никогаш претходно.
„Бадијала ве плашат! Клучните историски факти за македонската нација нема да бидат предмет на политичка ревизија. Нацијата никогаш не ни била поцврста и попризната. Ние бараме и наоѓаме решенија на децениските проблеми, но на принципиелна основа и согласно европските фундаментални принципи. Нашето право на самоопределување никој не може и не смее да го оспорува. Излезете и потврдете ја шансата за нашата земја да продолжи да се нормализира, да се стабилизира и никогаш повеќе да не падне под режим! Никако назад “,
нагласува Заев, повикувајќи во вториот круг да се гласа за кандидатите од коалицијата на СДСМ.