Сашко Николов е новиот градоначалник. Срцето на македонскиот исток останува во сигурни раце, порача премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, откако социјалдемократите прогласија победа на предвремените избори во Штип.
Заев испрати порака дека со денешните успешни избори штипјани го казниле раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните на Штип испратија порака и до бојкотирачот кој повторно избега од својот народ, граѓаните го казнија неодговорното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кажаа ’да‘ за грижата, одговорноста и стабилноста, а ’не‘ за блокадите, бојкотот, лаги стравови и хистерии“,
рече Заев.
Тој ги оцени изборите како фер, слободни и демократски, а најважно од сè, рече, безбедни.
„Победи Штип и желбата да продолжи развојот и напредокот на градот. Довербата многу значи и ќе ја оправдаме“,
рече Заев.
На прес-конференцијата се обрати и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој исто така порача дека градот ќе продолжи по европскиот пат, кој претходно го зацртал ексградоначалникот Благој Бочварски. Истокот, рече Николовски, станува бастион на СДСМ.
„Во регионот сериозно се зголемува предноста на СДСМ пред ова деструктивни и блокирачко ВМРО-ДПМНЕ кое нема став за ниту едно прашање. Расте поддршката, истокот е веќе бастион на социјалдемократијата, треба да сме горди на тоа и да продолжиме по овој пат“,
рече Николовски.
Кандидатот за градоначалник, Сашко Николов, уште еднаш им се обрати на штипјани, се заблагодари за поддршката и рече дека неговите сограѓани покажале општествена одговорност и овозможиле Штип да продолжи по европскиот пат.
„Ние граѓаните, денеска демонстриравме одговорност и европска политика. Со сите опструкции кои ги имавме во предизборниот молк, денеска граѓаните рака за рака си го изгласаа новиот градоначалник. Моите сограѓани ми дадоа обврска која лично ја преземам, а тоа е да има рамноправност, грижа и потпора за секој еден граѓанин. Покрај сите опструкции на ВМРО-ДПМНЕ кои немаа храброст да дадат против кандидат покажавме дека остануваме на европски пат. Денот го поминавме седејќи на кафе без притисоци и опструкции, тоа значи дека демократијата во Штип е вратена“,
рече Николов.
Право на глас во Штип имаа 41 777 жители. За да бидат успешни изборите, беше потребно да излезат една третина од запишаните гласачи, во случајов 13 926.
Според официјалните информации на веб-страницата на ДИК, прагот е постигнат и пред затворањето на гласачките места, односно до 18:30 часот, гласаа 14 328 или 34,3%.
Изборниот законик предвидува дека за некој да победи во првиот круг, покрај условот од една една третина излезеност, треба да освои мнозинство гласови од оние што гласале. Во спротивно, во рок од 14 дена се одржува втор круг на избори. Доколку има втор круг на овие избори, тој би се одржал на 27 декември.
Моментално, на 7% од обработените гласови, според ДИК, Николов има освоено 81%.


Кандидатот на СДСМ на изборите имаше четворица противкандидати: независниот кандидат Трајче Митев; Лазар Наумов, музичар од партијата ТМРО; Гоце Анѓелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, а составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација-Работничка партија, како и Симон Поликарп-Џими како кандидат на Интегра.
Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, ги бојкотираше изборите.