Заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар кој е во прва официјална посета на земјава, на средбата во Владата беше придружуван од амбасадорката Кејт Мари Брнз
Целосната поддршка на САД за изнаоѓање на заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу нашата земја и Бугарија, заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ја искажал и на средбата со премиерот Зоран Заев попладнево.

Како што соопштија од владината прес-служба премиерот Заев на средбата го запознал Ескобарсо актуелната политичка состојба во земјата, нагласувајќи дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Северна Македонија во НАТО, за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, за справувањето со пандемијата, за економскиот раст, и особено за актуелното прашање за соодветен и ефикасен одговор на енергетската криза.

Ескобар, кој е во прва официјална посета на земјава, на средбата беше придружуван од амбасадорката Кејт Мари Брнз. Тој истакна дека неговата посета на земјата има за цел да ја нагласи поддршката на САД, токму за овие прашања, како и за партнерскиот пристап што Република Северна Македонија го покажува со прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за активната улога за суштинско интензивирање на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“, се вели во соопштението.