Причините за зголемувањето на бројот на жртвите на насилство е зголемената јавната свест за пријавување на насилството во самите институции и преземање на конкретни мерки и активности за спречување и заштита на самите жртви преку мулстисекторска соработка помеѓу институциите – централно и локално ниво и граѓанските организации

Во првите три месеци од годинава бројот на новоевидентирани жртви на насилство во земјава е 391. Овој податок денеска беше споделен на промоција на видео-материјали од комуникациската стратегија и кампањата „Има живот без насилство“, фокусирана на подигнување на јавната свест за родово – базирано насилство врз жените.
Најголемиот број на жртви – 284 биле женски лица, а 53 машки. Во овие 391 жртви, 54 биле деца како секундарни жртви.
Во однос на бројот на сторители кои биле 286, најголемиот дел – 266 биле машки, а 20 се женски.
Најголемиот дел од случаите – 345 биле на психолошко насилство, а 221 на физичко. Меѓу пријавените имало два случаја на сексуално, а девет на економско насилство.
Ако се направи споредба со податоците на годишно ниво за 2023 и 2024 година, состојбата е дека лани за 14,7 отсто бил зголемен бројот на жени жртви на семејно насилство во однос на претходната година.
Како што беше кажано на денешната промоција, причините за зголемувањето на бројот на жртвите на насилство е зголемената јавната свест за пријавување на насилството во самите институции и преземање на конкретни мерки и активности за спречување и заштита на самите жртви преку мулстисекторска соработка помеѓу институциите – централно и локално ниво и граѓанските организации.
„Токму затоа, во овој период ги интензивираме напорите за подигање на јавната свест преку спроведување на континуирана комуникациската стратегија во насока на спроведување на кампањата ‘Има живот без наилство’ фокусирана на родово-базирано насилство врз жените“,
беше кажано на промоцијата.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, рече дека насилството има многу форми и секоја форма остава рани.
„Некои се гледаат. Повеќето не. Но, сите болат“,
рече Лимани.
Тој рече дека ова не е само прашање на жените, туку дека е предизвик на целото општество.
„Кога една жена се плаши да се врати дома, кога едно девојче молчи затоа што мисли дека нема да му поверуваат, кога една мајка се крие зад насмевка за да не ја покаже болката – ние како општество сме потфрлиле. Но, можеме да ја промениме оваа реалност – заедно. На жените што денес се чувствуваат беспомошно, сакам да им порачам: не сте сами. Има помош. Има излез. Има живот без насилство. Ти имаш право да живееш со достоинство, да сакаш без страв, да бидеш безбедна во својот дом“,
рече Лимани.
Тој на мажите, татковците, синовите им порача дека машкоста не се мери со сила, туку со почит, со поддршка, со љубов, а не со доминација и со страв.
„Ако видиш насилство – реагирај. Ако слушнеш плач – не игнорирај. Ако си родител – научи го синот да почитува, а не да контролира. Зашто во оваа борба – или си дел од решението или си дел од проблемот, насилството. Изборот е твој“,
рече министерот.
Тој апелираше и до институциите, да не гледаат на жената – жртва како „предмет“ во папка.
„Таа не бара само хартија – таа бара надеж. Таа доаѓа кај нас затоа што верува дека ќе ѝ помогнеме да избега од пеколот во кој живее. Законот е темел, но, човечката чувствителност спасува животи“,
додаде Лимани.
Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Даниел Филер истакна дека секој има одговорност да пријави насилство.
„Тука сме денеска за да ја прославиме работата на овој проект и остварувањата што ги има направено со нашата поддршка. Обединетото Кралство поддржува слични проекти ширум светот, но, особено сме горди на овој проект, што ја поддржува работата на националните институции и партнерите и работи на превенција и заштита од родово-засновано насилство. Тука сме за да ја подигнеме јавната свест дека не смееме и не треба да толерираме насилство. Никој не смее да страда. Секое лице има одговорност да пријави насилство и да ги поддржи преживеаните. Во Обединетото Кралство, одамна имаме признато дека насилството врз жените и девојките, девојчињата, не е само лична трагедија, туку е општествен неуспех. Влијае врз секоја заедница, врз секој сектор и врз секоја генерација“,
рече Филер.
Пред присутните се обрати и Жаклина Гештаковска Алексовска, аналитичарка на програма во Фондот за население на Обединетите Нации.
Настанот беше во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Канцеларијата на УНФПА и финансиска поддршка од Британската амбасада.