Пред корона-кризата, во јануари, кога владејачкиот СДСМ правеше консултации за својата предизборна програма, првата синдикалка на текстилните работници побара недела да биде неработен ден.

„На работниците во целиот приватен сектор тоа им е проблем. Да имаат дел на неделен одмор. Градежните работници, ќе ги видите дека работат на зградите. Маркетите се нонстоп отворени. И тие жени кои се во големите молови и тие имаат право да бидат еден ден со семејството“,
вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
Тогашната вицепремиерка Мила Царовска најави дека станува збор за предизвик на кој ќе се работи во следниот период и дека за темата ќе мора да се дебатира и со бизнис-секторот и со синдикатите.
Минатата недела Владата и формално го почна процесот.

„Владата денеска ја прифати иницијативата – недела да биде прогласен за неработен ден и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 15 дена да достави законско решение за ова прашање“,
рече Душко Арсовски, портпарол на Владата на РСМ.
Надлежниот владин ресор ја почна работата, но на уште неизготвен текст на виделина излезе спорот меѓу работниците и газдите.

Вака изгледа типично неделно попладне во Старата скопска чаршија. И покрај ковид-19 кризата, работат рестораните, менувачниците, чајџилниците, пазарот, пекарниците, бутиците.
Ваквата слика, сепак, можеби наскоро целосно ќе смени, во зависност од тоа каков ќе биде и дали ќе помине владиниот обид – недела да стане неработен ден. Искуствата од други земји говорат дека и да нема целосна забрана, треба да се очекува барем ограничување на работното време.
На пример, можно е да им се дозволи на маркетите, рестораните, дуќаните и другите бизниси да работат само до пладне. А можно е забраната да биде целосна, со исклучок на неопходните служби – дежурни аптеки, полиција, пожарникари и слично.
На газдите низ Чаршијата не им се зборуваше и пред камера – дали им се допаѓа предлогот. Одговор добивме на пазарот.

„За нас пазарџиите, ако дојде одлука, нема што да правиме. Инаку, за нас не одговара тоа. Некогаш во недела имаме повеќе работа, повеќе промет. За парче леб излеговме овде, но ако носат одлука и ние ќе треба, нема друго, да ја примениме таа одлука“,
вели еден од пазарџиите.
Муштериите, пак, реагираа со повеќе разбирање за идејата, но со одредени ограничувања.
„Мислам дека е подобро да не се работи во недела. Мислам дека треба да бидат отворени сите дуќани што продаваат храна, пазарот треба да биде отворен. За другите, и да ги затворат, океј е“,
вели еден граѓанин.
„Би било добро да не се работи барем еден ден. Тешко кој да работи, работат лекарите, тие би требало да бидат сигурно дежурни, другите по можност. По мое, недела не би требало да работи никој“,
вели друг граѓанин.
„И така државните институти не работат, за приватниот сектор тоа би било одлично, добра идеја. Треба да работат, здравство мора да работи, полиција и пожарна, тоа. Друго може да функционира и без нив“,
вели граѓанин со кого разговаравме во Чаршијата.
Актуелната иницијатива за прогласување на недела за неработен ден доаѓа од Сојузот на синдикати на Македонија. Според претседателот, барањето првпат го доставиле во 2018 година.

„Направивме сеопфатни анализи пред да го дадеме тој предлог, каде што сите анализи кажуваат дека на работникот му е потребен денот недела за ден за одмор – зошто? Бидејќи тој ден работникот може да го посвети на својата фамилија, да се посвети на самиот себе, да одмори за да биде попродуктивен и да знае дека тој ден е ден за неделен одмор, бидејќи сегашниот закон вели – освен недела, и друг ден од неделата може да биде ден за неделен одмор“,
вели Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија
Токму оваа одредба, смета Димовски, често се злоупотребува од работодавачите.
„Самиот закон вели дека во една недела може да се работи само 40 часа. Тоа кај нас, за жал, некои газди и работодавачи го злоупотребуваат и се работи континуирано 48 часа. Да, законот не вели дека 8 часа е работниот ден, може да се подели и сабота да биде работен ден. Но, тој не смее да биде повеќе од 6 часа, бидејќи, ако од понеделник до петок работиме 7 часа, во сабота ќе работиме 6 часа“,
вели Димовски
Од Синдикатот имаат разбирање дека недела нема да може да биде неработен ден за сите работници, како на пример, за полицијата, армијата, пожарникарските служби, стратегиските капацитети. Што сѐ ќе влезе во евентуалниот пакет, ќе пресече Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму засега не можат да споделат повеќе детали бидејќи работата само што започнала откако добиле задолжение од Владата.
„Министерството формираше секторска работна група која работи на законските измени… Работната група, преку компаративни анализи, но и преку детална анализа на потребите на работните процеси во повеќе сектори, како и преку консултација со другите министерства, ќе подготви предлог законско решение. Министерството навремено ќе ги сподели сите решенија во оној момент кога тие ќе бидат дефинирани“,
се вели во соопштението на МТСП
Иако не се знаат деталите, работодавачите веќе имаат сериозни забелешки на идејата. Ангел Димитров од Асоцијацијата на работодавачи вели дека мерката за бизнисот е прифатлива само како дел од борбата против епидемијата на ковид-19.

„Тоа би било еден вид поддршка на решавање на кризата со ковид-19. Мислам дека Македонија не е на тој степен на развој каде што треба недела да ја затвори и да биде неработна затоа што Македонија се наоѓа на еден понизок степен на развој од развиените држави каде што се воведе вакво решение. Ние имаме 5 до 10 пати понизок БДП по жител и секоја потрошувачка ни е добредојдена“,
вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.
За логиката дека ако не трошат во недела граѓаните би надополниле во другите денови, Димитров возвраќа со аргумент дека нема да се надомести потрошувачката која доаѓа од еднодневните туристи од соседството.
„Вие знаете дека во недела доаѓаат луѓе однадвор, доаѓаат од Косово, доаѓаат од Грција, доаѓаат од Бугарија, тие пазаруваат овде и оставаат доста девизни приливи во нашата држава. Така што Македонија не може да се откаже од тоа. Ако мислиме на тоа, ете, да се помогне секој работник да може да има еден неработен ден, нашиот Закон за работни односи предвидува дека неработен ден по правило е недела, но може да биде и друг ден во неделата, ако тоа е договорено со акт на работодавачот“,
вели Димитров.
Работата во слободниот ден од неделата, според Колективниот договор за приватниот сектор, се плаќа дополнителни 50% од основната дневница. Но, различни синдикални организации со години се жалат дека одредбата ретко се почитува.
Дали новото решение за недела како неработен ден ќе ги афирмира овие одредби или законот ќе биде рестриктивен, ќе се знае најдоцна до крајот на следната недела. Тогаш истекуваат 15 дена кои Владата му ги даде на Министерството за труд и социјална политика.
Најдобар пример за споредба како ќе течат работите кај нас, според стандардот и географската близина, е Црна Гора која неодамна воведе неработна недела. Таму сите политичките партии застанаа зад предлогот и сѐ уште го бранат.
Меѓу исклучоците од забраната таму, на пример, се и пазарите.
Но, брзо проработи и балканскиот „ум“, па сега на бензинските пумпи во недела се продава брашно, зејтин, шеќер, млеко…
Тамошната Организација на работодавачи лобира законот да се укине и веќе го обжали пред Уставниот суд.
Слично како и овде, и по 13 месеци, Уставниот суд нема донесено одлука.