Државната ревизија во Општина Студеничани открила случај на потпишан и реализиран тендер во висина од околу 300 000 евра, иако Државната комисија за жалби ја поништила јавната набавка
Ревизорите констатирале и дека Општината градела водовод без одобрение, дека има спорни исплати, но и дека градоначалникот и советниците си поделиле околу 15 000 евра за присуство на седници на општинскиот совет, кои не се одржале
Ден пред Нова година Државниот завод за ревизија објави еден од „најсочните“ извештаи за изминатата 2021. Општина Студеничани, меѓу другото, спроведувала тендер кој бил поништен, а се делеле и пари за присуство на седници на Советот кои воопшто не се одржале.
„Лицата кои спротивно на законот добиле надомест, средствата треба да ги вратат во буџетот на општината“,
вели Марина Блажевска – државен ревизор.
Ревизорскиот извештај веќе го разгледуваат надлежните институции. Градоначалникот, пак, не сака да зборува на оваа тема.
„Не се занимавајте со оваа работа. Имате поважни работи.“
– Секако, да ве прашам уште…
„Абе имате поважни работи, бегај тамо“,
рече градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садики.
Студеничани е рурална општина јужно од Скопје, во која живеат околу 20 000 луѓе. Најголемо населено место е истоименото село, каде според изјавите на жителите, општината добро си ја врши работата во делот на локалната инфраструктура.

„Со патишта сме добри, овој градоначалникот добро работи, вода имаме добро, струја горе имаме, само тој дел нема и така.“
„Со водовод добро, вода има редовно, улици има сега направени со бекатонки, нешто уште фали и тоа.“
„Мислам дека има ама уште треба да се работи. Имаме проблеми со струја, канализацијата уште не е… ова гледаш, катастрофа е.“
рекоа жителите на Студеничани со кои поразговаравме.
Но, во Долно Количани, друго село во општината Студеничани, приказната е поинаква.

„Водовод имаме дома меѓутоа се снаоѓаме сите полниме со буриња, кој како има, и имаме систем направено со пумпи. Во денешно време купатилото мора со пумпи и така се снаоѓаат луѓето. Меѓутоа отпадна канализација нема.“
„Првенствено вода немаме сабајле кога ќе станеме да се измиеме, второ немаме отпадна вода, канализација, да пуштиме пислак од перење и миење и никој не кажува дека нешто треба да се направи.“
„Патната мрежа е таква, ова е работено со самопридонес. Од општината горе-доле немаме некоја голема помош.“
„Ќе собере пари маалото, комшиите, и ќе си прават.“
велат жители на Долно Количани.
Ваква е состојбата во очите на жителите, а каква е во очите на надлежните институции?
Во извештаите за работењето на Општината Студеничани што на крајот на 2021 година ги објави Државниот завод за ревизија, главно место заземаат тендерите за изградба на патишта, водовод и канализација. Каде нашла проблем државната ревизија?
Прво, во октомври 2019 година Општина Студеничани склучила рамковна спогодба со важност од две години за изградба и одржување на инфраструктура во висина од 300 000 евра. Но, наместо за две години, парите биле потрошени за два месеца, па Општината решила да распише нова јавна набавка, иако не била ниту во програмата ниту во буџетот.

„Општината за истиот предмет на набавка спровела постапка во 2020 година иако не била предвидена со годишниот план за јавни набавки. Односно во месец мај е направена измена и дополна но средствата коишто требало да бидат предвидени се предвидени со ребалансот на буџетот во септември 2020 година. По потреба договорниот орган во текот на годината може да направи измена и дополна но согласно планираните или обезбедените средства“,
вели Марина Блажевска – државен ревизор.

Второ, новиот тендер бил обжален, а аргументите биле доволни за Државната комисија за јавни набавки да го поништи. Но, од Општината Студеничани веќе следниот ден продолжиле по свое.

„Договорниот орган постапил спротивно на одлуката и на 19.06.2020г., значи ден потоа, склучува рамковна спогодба во износ од 18 880 000 денари (н.з. околу 300 илјади евра) со вклучен ДДВ. Ваквото постапување не е во согласност со член 160 став 5 и 6 од законот за јавни набавки“,
вели Блажевска.
И тоа не е се. Ревизорите констатирале дека Општината градела водовод без одобрение за градба, дека има спорни исплати, но и дека градоначалникот и советниците си поделиле околу 15 000 евра за присуство на седници на општинскиот совет, кои патем не се одржале.
„Лицата кои спротивно на законот добиле надомест, средствата треба да ги вратат во буџетот на општината“,
додава таа.
За ваквите наоди во неколку наврати се обидовме да договориме интервју или да добиеме став од градоначалникот Азем Садики, кој есеноска го доби четвртиот мандат на чело на оваа општина.
Откако тоа не ни успеа, решивме да се обидеме да го сретнеме пред канцеларија. Ние дојдовме во 7, тој околу 9 часот. Следува целиот разговор.

– Добро утро. Г-дине градоначалник како сте?
„Добро утро.“
– Зоран Јованоски од „360 степени“.
„Да?“
– Се слушавме.
„Повели.“
– Сакам да ве прашам во врска со ревизорскиот извештај.
„Не сакам ништо да ви кажам за тоа.“
– Сакав да ве прашам зошто ја спроведовте јавната набавка, дали ќе ги вратите хонорарите што сте ги исплаќале?
„Толку ви е важно ова? Ве праќа некој вас?“
– Мене ме праќа уредникот…
„Уредникот?“
– …затоа што има јавен интерес во темата. Ако мислите поинаку нешто да кажете ве молам да ни објасните за што се работи.
„Имаме ние рок таму, процедура, некои забелешки ако тие нашле имаме ние рок да доставиме 90 дена, не се брзајте така.“
– Ревизорот вели дека процедурата е завршена.
„Г-дине, јас сум четврти мандат, не сум јас дете да ви правам циркус вас, немојте. Ние сме работеле законски и сѐ живо што е прописно. Ништо надвор од законите и од прописите.“
– Сте спровеле јавна набавка…
„Не се занимавајте со тоа.“
– Добро.
„Не се занимавајте со…“
– А со хонорарите?
„Не се занимавај со тоа.“
– Како ќе постапите сега, што е следно, како ќе реагирате?
„Ви кажав г-дине, имаме предвидено рокови, тие забелешки што се дадени, за да можеме нив да ги информираме. Не се занимавајте со оваа работа. Имате поважни работи.“
– Секако, да ве прашам уште…
„Абе имате поважни работи, бегај тамо.“
Градоначалникот Садики не ги коментирал заклучоците ниту пред ревизорите. Иако има законска можност, за ниту еден ревизорски наод не изразил мислење спротивно од ДЗР. Според закон, таквиот извештај веќе е пратен во Обвинителството.
„Согласно член 35 од законот за државна ревизија Државниот завод за ревизија со писмо го има известено обвинителство на Република Северна Македонија дека со извршената ревизија на Општина Студеничани констатирани се одредени состојби кои укажуваат на неправилности односно незаконитости во работењето, а кои можат да бидат предмет на нивна надлежност“,
вели Блажевска.
Од јавното обвинителство потврдија дека го примиле ревизорскиот извештај за Студеничани и дека тој се „проучува“.
„Ревизорскиот извештај за кој покажувате интерес е доставен до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. По приемот, распореден е кај јавен обвинител, кој ги проучува наводите и доколку утврди констатации кои упатуваат на сторено кривично дело, документот ќе го упати на постапување до соодветното надлежно јавно обвинителство“,
велат од ЈОРСМ.
За волја на вистината, стотици ревизорски извештаи дошле до јавното обвинителство, но во јавноста не се памети кога била покрената постапка врз таа основа. Може ли во овој случај да биде поинаку?