Иако сѐ е договорено до детали, тоа не се почитува. Затоа сега ќе има детална контрола, ќе се работи и сабота и недела, рече Вучиќ, кој не ја криеше нервозата
Фрустрира фактот што она што досега го договоривме не може да го спроведеме. Вака претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја започна прес-конференцијата по денешниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ што се одржа во Белград и на кој присуствуваат албанскиот премиер Еди Рама и вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Никола Димитров.
Српскиот претседател рече дека она што би дало дополнителна вредност и тежина на овој состанок е присуството на претставниците на бизнисот, на стопанските комори и други вакви здруженија од трите земји, кои директно би им ги кажале проблемите со кои се соочуваат, а кои, како што рече Вучиќ, тие како политичари немале поим дека постојат.
„На пример, некој што извезува млеко во С Македонија или свежо овошје од Србија доаѓа на граница од петок и до понеделник наутро чека дозвола од некоја институција. Тоа е недозволиво“,
рече Вучиќ, кој најави дека поради ова ќе се формира имплементациски совет.
Во тој имплементациски совет ќе членуваат претставници од сите институции што се задолжени за слободен проток на стоки.
„Иако сѐ е договорено до детали, тоа не се почитува. Затоа сега ќе има детална контрола, ќе се работи и сабота и недела“,
рече Вучиќ, кој не ја криеше нервозата.
Тој рече дека оваа идеја на Балкан без граници мора да победи за регионот да оди напред, а ова се чекори кои ќе видат до тоа. Како следен чекор најави поврзување на софтверската индустрија која ќе помогне во дигиталната трансформација, а за тоа помош оваа иницијатива има од американскиот Атлантски совет.
Конкретно во однос на С Македонија и Србија, рече дека следно е да се олеснат процедурите во однос на купувањето недвижности и во однос на оданочувањето. Најави дека се ќе биде заокружено на следниот состанок во Тирана по 25 декември.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, исто така, посочи дека денешната средба била фокусирана на луѓето, кои се конкретни корисници на придобивките од „Отворен Балкан“ и посочи на проблемите кои денеска им ги кажале стопанствениците – контролите, црвените гранични линии…
„Идејата е нашите мали пазари да се развиваат. Да, тоа се мали пазари, но ако се поврзат ќе бидат значајни и влијателни и ќе привлекуваат инвестиции“,
рече Рама и додаде дека секој еден граѓанин трпи од тоа кога има затворени граници.
Како пример за придобивка од оваа иницијатива за неговата земја, тој го посочи туризмот оваа година, за што рече дека од Србија имале дури 63 % повеќе туристи годинава и за 22 % повеќе од С Македонија.
Вицепремиерот Димитров рече дека регионалната соработка е мудра и вистинска работа и посочи на значењето што се придава во нашата земја и покрај, како што рече, сложените услови на македонската политичка сцена во моментов.
„Единствена долгорочна визија за стабилен Балкан е отвореност на границите. Тоа е голем чекор кон визијата за Балкан без граници. Солидарноста е основа за идна интеграција и оваа иницијатива е токму во тој правец – единствен регионален пазар за слободен проток на стоки, луѓе и услуги“,
рече Димитров.
И тој како и Вучиќ сподели дел од денешните информации што ги добил од стопанствениците, за што рече дека било непознато искуство и мошне поучно.
„На пример, македонска компанија која увезува од Србија, а потоа извезува во Србија, чека три недели за одобрение од националните лаборатории за безбедност на храна. А двете земји имаат потпишано спогодба според која доволна е дозвола од само една од тие лаборатории“,
рече Димитров.
Затоа тој најави дека во Тирана, пред крајот на годината, ќе објават, како што рече неколку победи, односно оваа политичка волја да се преточи во конкретни спогодби и со конкретни чекори за имплементација.
„Оваа регионална соработка не е замена за европската интеграција, туку ѝ служи. Но во услови на разнишана европска идеја не смееме да седиме и да чекаме туку да работиме на нашата регионална соработка“,
порача Димитров.