Во 2020 година судницата ја отвори тогашната министерка за правда Рената Треневска-Дескоска во присуство на амбасадори и на врвот на домашното судство и обвинителство. Владата требаше да купи само мебел и дел од опремата, процес што траеше до денеска
Две и пол години откако еднаш беше отворена, повторно се одржа свеченост за промоција на најголемата судница во земјава. Овој пат, сепак, отворањето на објектот во кругот на затворот „Идризово“ беше „вистинско“.
Изградбата на судницата, во која веќе е најавено првото судење, чинеше околу 1,3 милион евра, во најголем дел обезбедени од Европската Унија. Помогнаа и Соединетите Американски Држави, а земјава требаше да купи само мебел и дел од опремата. Токму поради бавноста на македонската страна, објектот две и пол години стоеше празен.
„Имаше одредени финансиски проблеми. И, знаете што? Самото менаџирање на еден ваков објект до неговата изградба воопшто не е едноставна работа. Од најситни детали, она што јас го нарекувам ‘бижутерија‘, од типот како треба да изгледа или кој треба да го направи патот, каква треба да биде конференциската врска, приклучување со АКМИС. Тоа се работи што навистина изгледаат ситни, но дефинитивно треба време и добро менаџирање за да се стигне. Јас се радувам што првиот пат не го исполнив ветувањето, меѓутоа, овој пат, на една дебатна емисија спомнав дека ќе биде до крајот на ноември, еве го крајот на ноември. И еве, можам да се пофалам или да бидам задоволен од тоа што сум го исполнил ветувањето“,
рече Тупанчески одговарајќи на новинарско прашање на „360 степени“.
Зборувајќи на македонски јазик, амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, рече дека ова е најголемата дигитална судница во земјава.
„Многу важен објект, развиен со помош на ЕУ, со цел да ја приближи земјата до Унијата“,
рече Гир.
Образложувајќи зошто е важно судницата да биде во кругот на КПД „Идризово“, Гир рече дека сензитивните судски процеси имаат безбедносни ризици.
„Многу често тие се поврзани со транспортот на обвинетите од притворските одделенија до судниците. Особено во случаи на тероризам и организиран криминал. Видовме во минатото колку нарушувачки тоа може да биде, особено во градови како Скопје. Секако, одржување судски рочишта тука не смее да влијае на правото на фер судење, вклучувајќи ги и пресумпцијата на невиност, правото на одбрана, како и правата на жртвите. Сите процедурални и суштински права треба да бидат почитувани“,
рече Гир додавајќи дека само така може да се врати довербата во правосудниот систем.
Целта на ЕУ, вели Гир, е да се создаде правичен, ефективен и хуман правосуден систем. Сепак, рече дека сè уште има предизвици што мора да се надминат за да се дојде до ваков систем и посочи дека процесот е бавен.
Говорејќи за скрининг-процесот со Европската Унија, евроамбасадорот рече дека Поглавјето 23 треба да се искористи за ургентни реформи во правосудниот систем.
„Тоа бара политичко лидерство и утврдени напори од сите институции, како од професионални и партнери од граѓанскиот сектор. Целосно ќе ги поддржиме овие напори обезбедувајќи финансиска помош и техничка експертиза каде што можеме, одблиску мониторирајќи го развојот заедно со нашите меѓународни партнери“,
рече Гир.
Заменик-амбасадорот на Соединетите Американски Држави во земјава, Ерик Мејер, пак, рече дека не е доволно само тоа што ЕУ ја изградила, САД ја опремила, а Министерството за правда го купила мебелот за судницата, туку поважно е таа да се користи за да се осигури дека судските процеси ќе завршат во разумно време.
„Мора да се користи за да испорача ефикасна правда и спречување на одложувањата, на пример, со отсутни обвинети што не можат да бидат транспортирани до судниците. Мора да се користи за зачувување на ресурсите што се трошат на транспорт на затворениците или на обезбедување. Мора да се користи за нашите заеднички инвестиции да имаат значење за граѓаните на Северна Македонија“,
рече Мејер и додаде дека употребата на оваа судница ќе ја зголеми ефикасноста во правосудството, особено во случаи каде што има повеќе обвинети.
Според него, судницата ќе може да се користи и за обука на чинителите во правосудниот систем.
Првиот човек на правда, при гостување на емисијата „Вин-вин“на ТВ Телма во февруари годинава вети дека судницата ќе проработи пред летните одмори. Тоа, сепак, не се случи. Прашан за судницата при неодамнешното гостување во „360 степени“ на ТВ Алсат, на почетокот на ноември, рече дека таа ќе биде пуштена во употреба до крајот на месецов.
Како што „360 степени“ објавуваше во повеќе наврати, градежните работи на судницата, која се наоѓа во комплексот на КПД „Идризово“, завршија уште во 2020 година. На 17 мај таа година тогашната министерка за правда Рената Треневска-Дескоска ја „отвори“ судницата. Но, чинот беше само за пред камери бидејќи за објектот сè уште не беше купен мебел – единствената поголема обврска за македонската страна.
Целта на изградбата на судницата во Идризово е да се заштедат пари на спроводи за судења, да се зголеми безбедноста при транспорт на затвореници, но и да се намали притисокот во градските подрачја бидејќи при големи судења често се затвораат и цели улици. За концептот целосно да профункционира потребно е да се изгради и најавеното притворско одделение во кругот на затворот „Идризово“.