Граѓани од населбата Ченто денеска излегоа на втор протест блокирајќи ја улицата „Финска“ од 17 до 18 часот поради, како што велат, повеќегодишното самоволие и нарушување на јавниот ред и мир на приватни имоти од нивни сосед
Жителите што протестираа велат дека и покрај обидите да допрат до институциите ниту државните, а ниту Општина Гази Баба постапуваат по нивните пријави, за соседот кој лажно се претставувал како јавен обвинител и постојано ги провоцира.
„Сите ние овде имаме проблем со истиот нечовек. Искрено, не знаеме ни името дали му е вистинското, но додека тоа име стои на документи кои ни ги доставува по разните измислени кривични пријави, безаконити изјави и опомени, така ќе го именуваме. Откога се досели овде, сè што слушаме и гледаме од него се навреди, лаги, манипулации, злодела и криминални дејствија. Вербалните напади веќе ни се најмал проблем. Се навикнавме наместо ‘Добро утро’ да слушаме ‘Ќе те уништам’, а наместо ‘Добро вечер’, ‘Гркланот ќе ти го извадам’“,
вели една од жителките.
Луѓето се жалат дека им е нарушено правото на водоснабдување и безбедна канализациска мрежа и апелираат до надлежните итно да постапат бидејќи ситуацијата води кон непосакувана трагедија.

Тие повторуваат дека дрскоста на нивниот сосед, за кој редовно известуваше „Портал X“, оди дотаму што со камери кои снимаат 24/7 директно им ја нарушува приватноста во дворовите.
Друга жителка од истата улица директно побара помош од министерот Панче Тошковски.
„Во името на жителите на улица ‘Финска’, овој пат му се обраќам на министерот Тошковски со надеж дека ќе се заинтересира за нашиот случај и нашава состојба. Ќе преземе мерки кон посоченото лице и ќе донесе забрана за вербално и физичко приближување кон сите негови соседи, за да се спречи еден посериозен инцидент, затоа што провокациите што ги трпиме од ова лице не запираат, туку ескалираат. Сведоци за тоа си и полициските кипи кои постојано доаѓаат на терен и ги евидентираат секојдневните инциденти“,
изјави таа.
Слични се апелите и од друг сосед во мирната населба кој беше присутен на протестот. Тој вели за малку бил избегнат инцидент, затоа што полицијата го спречила да одговори на провокациите.
„Последен пат пробувавме од кај комшијата да ја одзатнеме канализацијата… и он се појави на ограда и почна да не вреѓа. И јас збеснав. Мене одвај ме смири полицијата после. Што да правам? Не знам. Меѓутоа, нема да дозволам втор пат така да ме испровоцира, затоа тоа што ќе не однесе во некои несакани последици. Меѓутоа власта мора да реагира. Крајно време. Пет месеци значи ние немаме купатило, немаме тоалет. Почнува да мириса значи по дворовите, што ја исфрламе водата надвор“,
раскажува друг сосед.
Соседите, меѓу другото, пријавувале за фрлање нож, за вербални и физички напади, но немаат одговор од државата.

Инаку, на денешниот протест се обидоа да стапат во контакт и со својот градоначалник Бобан Стефковски, но безуспешно.