Опозицијата бара акција против одговорните за уривањето на натстрешницата на железничката станица во тој град, кога животот го загубија 15 лица, како и ослободување на уапсените по протестите што следуваа
Републичките и покраинските пратеници и советници на опозициските партии веќе втор ден го блокираат влезот на судот и Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, пренесува Н1. Пред влезот утрово ги пречека силно полициско обезбедување.
Полицијата направи кордон меѓу пратениците и советниците од опозицијата и влезот на зградата.

Меѓу пратениците и полицијата имаше туркање и кошкање, а неколку членови на опозицијата успеаја и да влезат во зградата во која се наоѓа седиштето на новосадскиот суд и обвинителството.
Како што пренесува Н1, пратениците на републичкото Собрание, Срѓан Миливојевиќ, Радомир Лазовиќ и Павле Грбовиќ, успеаја да влезат во зградата на судот. Притоа на Лазавиќ му се слошило, а Миливојевиќ му укажал помош.
Опозицијата бара акција против одговорните за уривањето на натстрешницата на железничката станица во тој град кога животот го загубија 15 лица, како и ослободување на уапсените по протестите што следеа.

Министерката за правда Маја Поповиќ ја оцени блокадата како невиден притисок врз судството во историјата на Србија.
Пратениците на опозицијата бараат Вишото јавно обвинителство да соопшти кои се осомничените за пропустите што доведоа до пат на натстрешницата на железничката станица.
Инаку, вчера шест часа траеше протестот на опозициските пратеници пред влезот на обвинителството и судот во овој град, каде бараат пронаоѓање на одговорните за трагедијата, како и ослободување на политичарите и активистите што беа затворени за време и по протестот поради падот на натстрешницата на железничката станица.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера рече дека очекува нови оставки во врска со несреќата во Нови Сад.
Досега оставка даде само министерот за градежништво Горан Весиќ.