Уникатното празнување на Водици во Битуше во 2019 година Владата го прогласи за културно наследство од исклучително значење
Централна улога во локалните адети за празникот ја имаат жените од селото, наречени кумстарки. Уникатни се носиите, уникатни се песните, уникатен е целиот амбиент кој е жива слика на дамнешни времиња
Битуше е село во реканскиот крај, сместено од десната страна на реката Радика, на падините на планината Дешат. Според кажувањата на жителите, има триесеттина што тука живеат во текот на целата година. Но, има и ден кога секој што има битушки корени доаѓа во родното место.
„За Водици треба да се дојде во Битуше. И да се раскажува со месеци, не може да се доживее тоа што се чувствува тука. Да му се помолиме на Свети Јован. Да ни даде напредија, здравје, среќа итн. Сите убави работи. Така и се молиме во самите песни што ги пееме. Верски, меѓутоа тие се сите наменети на Свети Јован“,
вели Рајна Иваноска – жителка на Битуше.

За празникот Богојавление – Водици, битушани успеале да го зачуваат изворниот начин на празнување со сите адети што ја отсликуваат овдешната традиција. А старите адети, во модерно време, се блиску до атракција.
„Да ви кажам искрено, во денешно време, во 21 век, во 2025 година, да се успее да се заржи еден ваков адет, традиционален обичај, е навистина фасцинанто и едноставно, бара големи напори и пред сè желба и љубов за да може да се одржи. Бидејќи современото живеење налага нешто друго. Сите сме во трка по некои современи технологии, по современ начин на живот. Ова е навистина архаично, не само традиционално, туку е баш изворно. Со еден збор – фасцинантно“,
рече Маја Манческа – ланска кума.

На Водици, уште рано наутро, битушани се собраа на литургија во црквата „Свети Архангел Михаил“.
Легендата вели дека кога османлиите дошле за да го исламизираат селото, токму овој светец им се појавил како привидение и ги спречил. Затоа жителите му посветиле црква сретсело. Битуше е единственото село во реканскиот крај, по течението на Радика, што во целост останало христијанско.

Во дворот почнаа да пристигнуваат и жените – кумстарки, облечени во селски носии, кои се главната специфика на Водици во Битуше.
„Водиците се женски. Тука главниот акцент го имаат жените – кумстарки. Се будиме некаде во пет часот наутро. Сите возбудени зашто го чекаме да ни дојде најубавиот ден – Водици. Во куќата имаме околу пет-шест жени, зависно колку сме во домот. Најстарата членка во семејството нè подготвува сите. Почнуваме од најмалите до најголемите. И се спремаме за овој голем настан“,
вели Маријана Наумоска – битушанка.

По литургијата, жителите се подготвија за највозбудливиот чин – положувањето на крстот во осветените води. Поворката тргна од црквата, мина низ подмрзнатите селски сокаци и заврши на Битушка Река.

Студената речна вода, што вообичаено ја избегнуваме во зима, се верува дека на овој ден ќе им донесе здравје на момчињата што учествуваа во обредот.
„Ова ми е втора година како скокам по крстот. Првпат го фаќам. Сакам да има љубов, среќа, здравје. Сакам ние младите да ја продолжиме оваа традиција. Во селото да има мир, здравје и Бог се јави!“
рече Петар Петрески – битушанец.

Потоа луѓето се упатија кон куќите на кумовите кои во Битуше се ротираат секоја година и секогаш се по двајца.
„За Водици е среќа да се биде кум на овој ден, бидејќи се смета за свет ден. Свети денови се сите од 13 до 19 јануари. Секој битушанец го доживува на свој начин. На величенствен начин,“
смета Генчо Милошески – кум.

Внатре веќе беа собрани жените-кумстарки кои грижливо уште од деца ја комплетираат својата носија.
„Таа носија дел ни е дадена од мајките, делови што ни ги даваат мајките кога се мажиме, а некои делови ни ги даваат свекрвите. Тоа е некако многу драгоцено за нас и секогаш си го чуваме со големо внимание. Девојчињата уште немаат претстава што значи тоа, дека тоа е нашата традиција, дека тоа е опстојот на нашата Македонија, на нашето село Битуше. Малку се бунат на почетокот. Меѓутоа, потоа ела спречи ги да не дојдат во орото што го правиме кога одиме кон црквата“,
вели Рајна Иваноска – жителка на Битуше.

Таму се упатија пеејќи песни посветени на Свети Јован Крстител, во кои се спомнуваат и семејствата на кумовите.
Во оваа поворка секоја година учествуваат меѓу сто и 130 кумстарки.

„Јас не можам да ви кажам што се случува на друго место. Само двапати во животот сум била настрана од Битуше. За децата кога ми се родија. Инаку, ние тука сме секогаш и многу малку знаеме како е во другите села и во другите места што го слават овој празник“,
рече Рајна Иваноска – жителка на Битуше.
Жените-кумстарки со векови зафаќаат централно место во прославата на Водици во Битуше. Облечени во народни носии, пеејќи уникатни водичарски песни, доаѓаат во селската црква.
Го исполнија речиси целиот двор, а на овие снимки се само половина од нив.


„Водичарските песни се специфични на повеќе начини. Прво се раскажува за доаѓањето на Свети Јован на овој ден. Потоа се кажуваат сите машки глави што се во семејството што го има крстот. Од најстариот член на куќата па се до најмалиот, се редат еден по еден. Потоа се спомнува селото – да е здраво, да е силно, да е убаво. Има повеќе песни што го отсликуваат цел овој момент што се случува денес“,
додаде Маријана Наумоска – битушанка.
Следуваа зурли и тапани во Домот на културата. Кумството за Водици се чека со децении и долго останува во сеќавањата на битушани.

„Тоа се случува еднаш во 50 години. Нашата фамилија Милошески биле кумови 1975 или 1976 година, не знам точно, кога бил роден мојот најстар брат. Ние сега го дочекуваме како возрасни луѓе. Имаме и ние свои деца, свои фамилии што се тука секако присутни. Пробуваме да ја пренесеме традицијата“,
рече Маја Манческа – ланска кума.
„Баш се слави жената како носител на семејството, на куќата. Оттука почнува цел ред. Лебовите се месат со крстената вода што претходно со обред се прави во самиот манастир. Се редат невестите. Има и како мал натпревар – која куќа повеќе невести ќе има во нивниот ред. Колку повеќе невести, толку ти е побогато семејството“,
вели Маријан Милошески – лански кум.

Од црквата, со крстовите што секоја година се пренесуваат од куќа во куќа, дома си заминаа новите кумови кај кои ќе се слави догодина.
Следуваше ручекот дома кај годинешните кумови каде повторно предност, први да седнат на софрата, имаа жените-кумстарки.

„Ова е традиција со години, долги години. Порано се прославувало можеби малку поскромно. Сега се прославува во вид на свадба. Буквално. На 19 јануари, последниот ден е тоа, се канат сите на ручек. Прво кумстарките, потоа целото село и сите гости што се дојдени и пријатели“,
вели Генчо Милошески – кум.
Според податоците од претходните пописи, најголем број жители во Битуше имало во 1961 година – 581. Според пописот од 2002 година имало најмалку – 96. Но, на пописот во 2021 година официјалната бројка на жители се зголемила на 161.
Уникатното празнување на Водици во Битуше во 2019 година Владата го прогласи за културно наследство од исклучително значење.