Во случајот е инволвиран уште еден македонски државјанин, но тој во Албанија веќе е неправосилно осуден на осум години затвор
Во вчерашната полициска акција за апсење на осомничените, еден се обидел да им избега на полицајците и се повредил, па завршил на болничко лекување

Четири лица од земјава се под истрага за неовластено набавување и пренесување на над 300 килограми кокаин. Тие се приведени вчера во рации во Скопје и во Прилеп во рамки на истрагата што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Акцијата во земјава е резултат на повеќемесечна меѓународна истрага со Албанија, каде што всушност се одвивало набавувањето на дрогата и обидот таа да биде пренесена во Италија.
Во случајот е инволвиран уште еден македонски државјанин, кој е фатен од албанските власти и таму е веќе осуден неправосилно на 8 години затвор.
Според Обвинителството, тој заедно со четворицата осомничени, од непознати лица од Албанија во јуни 2021 година набавил 324 килограми и 400 грама кокаин.
„Откако претходно се договориле, осомничените на 16.06.2021 година поединечно на различни гранични премини оствариле излез од РСМ и се сретнале и преземале активности на територијата на Драч, Албанија. Притоа на непозната локација во Албанија, непознати лица – албански државјани и првоосомничениот во просторот кај резервоарите со нафта на ТМВ ’даф‘ сместиле 300 пакувања наркотична дрога – кокаин со тежина од 324 400 килограми. Па, откако вечерта осомничените и неправосилно осудениот оствариле заедничка средба, неправосилно осудениот со возилото се упатил кон пристаништето во Драч со цел наркотичната дрога – кокаин да ја пренесе во Италија“,
велат од ОЈО ГОКК.
По неполни два дена, односно на 18 јуни 2021, тројца од осомничените се вратиле во Македонија. Прво ја напуштиле Албанија и влегле во Косово на граничниот премин „Кукс-Морина“, а потоа на „Блаце“ влегле во земјава. Другиот осомничен, пак, со автомобил од Албанија директно влегол во Македонија на преминот „Св. Наум“.
Неправосилно осудениот македонски државјанин во Албанија, не се вратил со нив во земјава, туку бил приведен во Албанија каде што на пристаништето во Драч при скенирање на товарното возило цариниците ја откриле спакуваната дрога што требало да заврши во Албанија.
Во акцијата за приведување на осомничените, еден се обидел да им избега на полицајците и се повредил, па завршил на болничко лекување. Другите тројца се очекува денеска да бидат изведени пред судија на претходна постапка од кој Обвинителството бара да им се одреди притвор.
За случајот се огласи и МВР, кое објави и видео од акцијата.
Дополнување:
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје попладнево делумно го прифати предлогот на Обвинителството и на двајца осомничени со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на еден му определи мерка куќен притвор.