Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во септември ги убедуваше членовите на Kомисијата за спроведување на препораките на УНЕСКО дека во неговата општина нема дивоградби на крајбрежјето.Останати се само конструкции од платформи во езерото, објаснуваше тогаш Мерко, иако Kомисијата забележа повеќе проблематични точки.
Комисијата, во меѓувреме, уште неколкупати го посетила Струшкиот Регион. А од градоначалникот добиле уверување дека платформите што го нарушуваат крајбрежјето ќе бидат отстранети.
„Она што го утврдивме при посетата на Струшкиот Регион е постоење одредени – фамозната наша болка – платформи, кои навлегуваат во езерото, одредени подѕидувања на крајбрежјето, кои се најверојатно изработени без соодветна документација. Така што, она што оценивме дека е неопходно да се отстрани, од градоначалникот добивме уверување дека ќе биде отстрането“,
изјави пред неколку дена претседателот на Комисијата за заштита на Охридскиот регион, Зоран Павлов.
Забелешките на мешовитата комисија, која ги „скенираше“ Струга и Охрид, се преточија во План за управување со регионот, што треба да стави крај на урбаното дивеење во двете општини. И, додека се очекува усвојување на документот, до редакцијата на „360 степени“ пристигнаа фотографии за изградба на објекти на крајбрежјето близу Струга. А во Струга, не само што има мораториум за нови градби туку и спорните објекти се во заштитениот предел.
Објектите се наоѓаат на стариот пат Струга-Охрид, во близина на хотелот „Еуротел“. Според податоците од Катастарот, станува збор за два објекта од по 700 квадратни метри, кои би требало да имаат спортска намена.

Кога ја посетивме посочената локација, таму немаше градежна механизација. Но, зад зеленото платно се гледа дека објектите се во напредна фаза. Освен таблата дека е приватен имот, немаше друга ознака – кој е инвеститор, кој е изведувач и за какви објекти станува збор.
Во Општината, градоначалникот Рамиз Мерко останува на тврдењето дека во Струга нема дивоградби. И за конкретните објекти за кои прашувавме рече дека се градат легално.
„Надвор од заштитената зона немаме мораториум за издавање одобренија бидејќи многу детални планови со измена и дополнување се донесени во согласност со Комисијата за природно и културно наследство, односно УНЕСКО. Така што, во тие делови, во тие планови, не може да има забрана за издавање одобренија за градба“,
вели Мерко.
-Но, 50 метри од езеро е заштитен појас.
„Не само 50 метри, во некои делови е и 70, 90 и над 100 метри. Кај нас граница на заштитениот дел е регионалниот пат Подмоље-Радожда“,
вели Мерко.
На прашањето како овие објекти добиле одобрение кога се токму од страната на патот, каде што и самиот вели дека не е дозволена градба, Мерко објаснува:
„Тоа е приватен имот и тој е оддалечен 50 метри од крајбрежјето и има одобрение за градење кое е донесено во согласност со Советот на Општина Струга, донесена е одлука за спортски рекреативен центар и издадено е одобрение од наша страна“,
објаснува струшкиот градоначалник.
Мерко смета дека јавниот притисок се прави на погрешна адреса.
„Немојте сега да правиме нешто од ништо. Град на УНЕСКО е Охрид, тој треба да мисли за себе. Ние можеме само да му помогнеме, во никој случај да му одмогнеме. Со тоа што вие на некој начин, под наводници, правите притисок кон нас, да издејствувате нешто што го нема, мислам дека не е фер“,
вели Мерко.
За разлика од Мерко, кој тврди дека во струшкиот заштитен појас има нула дивоградби, Охрид изброја неколку стотини. Општината веќе направи регистар на бесправни градби, урна неколку од нив и испрати тужби до концесионери на плажи кои не ги вратиле природните добра во првобитната состојба.
Од Општината не добивме одговор колку објекти досега се урнати, а колку ги отстраниле самите сопственици. Градоначалникот Константин Георгиески пред неколку дена, во интервју за порталот „Сакам да кажам“, се пожали дека централната власт го оставила на „цедило“ самиот да се справува со отстранувањето на дивоградбите
„За жал, Државниот градежен инспекторат во земјава не постои. Јас сум се сретнал со директорот, побарав помош, но ништо. Како Општина немаме ресурси ниту финансии сами да се справиме со еден таков сложен процес. Направивме ребаланс на буџетот, предвидовме уште два милиони денари, но за една сериозна и здрава борба со урбанистичкиот хаос потребни се здружени напори на сите чинители“,
вели Георгиески.
За разлика од локалната, централната власт е задоволна од спроведувањето на задачите од кои зависи дали Охрид ќе го задржи статусот – светско културно наследство. Од Владата велат дека имаат речиси секојдневна комуникација со УНЕСКО. Чекаат нивни претставници да го посетат Охрид кон крајот на јануари, непосредно пред испраќањето на извештајот за напредокот.
Според информациите од Владата, се финализира формирањето на мешовитата комисија со Албанија, за краток период се најавува дека конечно ќе почне ревитализацијата на колекторскиот систем, а Планот за управување веќе помина три јавни расправи во Скопје, Охрид и Струга и е испратен до УНЕСКО од каде што се чека одговор, па заедно со предлозите од граѓаните и невладините организации пред Нова година треба да биде усвоен на владина седница.
А, што се однесува до регистарот за дивоградби за Општина Струга, од Владата велат дека го чекаат да пристигне во Министерството за транспорт до утре. Градоначалникот Рамиз Мерко во петокот попладне рекол дека е испратен. Но, според изјавата за „360 Степени“, документот би требало да го содржи само она што Мерко повеќепати го тврдеше – дека во Струга нема дивоградби во заштитениот појас.