Во новогодишен амбиент, но пред празни клупи и столчиња, наставничката Соња Апостоловска-Трајковска ги одржува последните онлајн-часови за оваа година. Четвртооделенците од подрачното училиште „Наум Охридски“ во скопското село Црешево се подготвуваат за полугодишните оценки. Оценувањето ќе биде онлајн, но доколку некој од учениците изрази желба, може и во училница со физичко присуство.
„Оценувањето е секојдневно, формативно оценување, значи преку усни одговори, преку домашни задачи и она што јас најмногу го вреднувам – постојано активно, трудољубиво работење на домашната задача, која секако претставува и проверка на знаењето од секојдневната заедничка работа“,
вели Соња Апостоловска -Трајковска, одделенски наставник во ОУ „Наум Охридски“, с. Црешево

Претпразнично, наставната програма е прилагодена тематски. Но, часот секогаш не оди „мазно“.
„Ќе ви прочитам еден текст. Ќе ме слушате внимателно, може? Кај мене е текстот, го нема во учебниците. Недовршена приказна за една зимска ноќ. Се слушаме? – Да, наставничке!
–Може од почеток да го читате, ме исфрли интернетот, ништо не ве слушав?“,
вели ученик.

Проблемите со интернетот се едни од најчестите пречки во наставата со кои се соочуваат учениците.
„Задачите ги праќам на националната платформа, но често се случува учениците да велат дека не се во можноста да ги прикачат заради тоа што можеби им е спор интернетот и самите тие наоѓаат начин да ми ги испратат преку месинџер, вибер“,
објаснува Апостоловска-Трајковска.
Од 18 ученици во одделението, тројца немаат ниту таблет ниту лаптоп, па наставата ја следат преку мобилен телефон.

„Имаат потешкотии. Значи, не можат да бидат вклучени во сите активности што ги нудат платформите и сето она што го нуди интернетот, но тие дечиња имаат усна комуникација со мене и работат во своите тетратки дома. Го користат оној дел на „чет“ во „Тимсот“ па споделуваат, пишуваат тука, споделуваат слики, па сепак на некој начин и тие се вклучени“,
додава Апостоловска-Трајковска.
Училиштето во Црешево е подрачно и има стотина ученици. Децата од прво до трето одделение одат на настава во училница, но за погорните одделенија немало услови да се овозможи физичко присуство. Тоа за дел од жителите претставува проблем, бидејќи не успеале да обезбедат уреди за следење онлајн-настава.

„Како е со интернет, компјутери имате ли?
-Нема ниту интернет, ниту компјутери ниту ништо.
Па, како учи?
-Оди таму кај еден зет имам, кај него оди“,
вели еден жител на с. Црешево.
Нашиот соговорник вели дека семејството побарало од училиштето да им обезбеди компјутер, но не добиле.

Дел од жителите, пак, велат дека се снашле и самите обезбедиле уреди.
„Јас како постар човек да кажам за онлајн, само во школо децата да одат инаку ова не го бива“;
„Децата супер си се, дома си стануваат на време, си прават тоа обичајот, имаат тие компјутери, од телефоните, се тоа.
-Од што учат – од телефон или компјутер?
Па, баш не сум влегол кај нив да ти кажам право, ама тука сме во иста куќа“,
велат дел од жителите на Црешево.

Централното училиште „Наум Охридски“ се наоѓа во селото Булачани. Со двете подрачни во Црешево и во Раштак има вкупно 350 деца. Една третина од нив наставата ја следат со физичко присуство.
„Од тие 126 само еден ученик работи со печатени материјали, затоа што родителот се изјасни дека не сака детето физички да присуствува во училиштето, сите други ученици редовно ја следат наставата. Имаме мал број ученици кои биле изолирани или позитивни на ковид-19. Во последно време, отсуството се движи со бројки од 1-5 ученици, што значи многу мало во однос на вкупната бројка“,
изјави Даниела Димишковска, директорка на ОУ „Наум Охридски“ , с. Булачани.

За следење онлајн-настава, директорката Димишковска вели дека помогнала општината Гази Баба. Локалната власт поделила 27 таблети за семејствата од социјално ранливите категории, со ниски примања и повеќедетните семејства. Но, уредот не е единствена пречка до образование.
„Интернет-провајдерите“ во подрачјето каде опстојува училиштето „Наум Охридски“ имаат прилично застарена инфраструктура и квалитетот на интернетот е АДСЛ-линија која не покрива онолку „аплоуд“ колку што бара еден наставен процес за да може да се реализира со 4 паралелки одеднаш или да се реализира со повеќе наставници истовремено“,
додава Димишковска.

Чекорот на Гази Баба да подели бесплатни уреди таму каде се неопходни, го следеа и други општини откако државата не успеа да купи за сите ученици на кои им требаа. И покрај тоа, се уште има ученици на кои им се потребни. Најдобар доказ за тоа е Борче Стаменов од Кавадарци, познат по Фејсбук-иницијативата „Донирај компјутер“.
„Планот ми е до Нова Година барем да стигнам до 600 компјутери и со тоа да ја завршам мојата т. н. шеста сезона на „Донирај компјутер“,
вели Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“

Мотивиран од самохрана мајка која немала компјутер за децата, Стаменов во 2016 година почна да поправа стари компјутери и да ги донира на оние кои им се најпотребни. Од почетокот на пандемијата и онлајн-наставата, неговата работа забрзано расте, па се повеќе граѓани, компании и амбасади му испраќаат пакети со компјутерска опрема.
„Имам машини како што се овие позади, за кои нема потреба од никаква интервенција на нив. Дури доаѓаат со инсталиран оперативен, ми требаат 10 минути да ставам тоа што треба значи. Некои машини, нели, бараат дополнителна дијагностика и можам да кажам дека за една машина од 40-50 минути може да се изгубат. Обично гледам да не губам многу време“,
додава Стаменов.

Семејствата што бараат компјутер му испраќаат податоци на „Фејсбук“, а критериумот за да добијат е потврда дека се со ниски примања, невработени, самохрани родители или во друга социјално ранлива категорија. Претпразнично, со компјутерот има и новогодишно пакетче.
„Фидбекот што се добива е прекрасен, не може да се опише со зборови. Во последно време тренд стана оние што добиваат компјутер ми пишуваат песнички, некои цртаат семејни слики со „Донирај компјутер“ во средина, сум добивал видеа, а некој ми пратил некни 4 пива како „фала“ што беше доста интересно“,
раскажува Стаменов.

А, дали донациите го решија проблемот на 40 илјади ученици кои немаа услови да следат онлајн настава на почетокот на учебната година? Од Министерството за образование велат дека бројот е намален.
„Околу 8 000 ученици наставата на далечина ја следат на Националната телевизија преку емитување на 15-минутни часови на македонски и албански јазик. Дополнително, наставниците беа во постојана комуникација и доставуваа печатени наставни материјали на учениците кои не беа во можност наставата да ја следат на далечина. Со посветена заедничка работа МОН, општините и општествено одговорни компании за исклучително краток период успеаја да го намалат бројот на ученици кои немаат уреди и да обезбедат континуитет на образовниот процес во услови поразлични од претходно“,
велат од Министерството за образование.
Со комбиниран модел на настава почна и учебната година во Србија. Разликата во споредба со Македонија е што сите добија шанса да бираат меѓу физичко присуство и онлајн настава. Она што е исто е што и таму властите се задоволни од крајот на првото полугодие. Учениците се веќе на распуст, а надлежните велат дека успеале навреме да обезбедат услови за следење на часовите на далечина.

„Министерството на време подели таблети, телефони и ја засили интернет-мрежата, а баш во некои ретки случаи имаше печатена верзија и наставникот лично ги посетуваше. Зборувам за рурални средини и таму каде што имаше по еден, два ученика“,
изјави Драган Гејо, директор на Училишна управа – Ниш.

Во училиштето „Свети Сава“ во Ниш има повеќе од илјада ученици. За поголем дел од децата кои немале, биле обезбедени таблети и телефони за онлајн настава преку различни проекти за правата на детето.
„Сите добија материјали, тројца ученици кои се од навистина социјално загрозени семејства имаа проблем дома да немаат ниту струја, ниту вода. За нив, секој ден печатевме материјали. Тие доаѓаа секој или секој втор ден, во договор со наставниците и стручните служби, кај наставниците оставаа тоа што го завршиле, а добиваа печатен материјал“,
изјави Санела Тарана, директорка на ОУ „Св. Сава“, Ниш.

Но, најголемите проблеми во Србија беа во училиштата каде поголем дел од учениците се одлучија за физичко присуство. Бидејќи беше ограничен бројот на ученици во еден клас, се направија многу одделенија, па на некои деца часовите им почнуваа доцна попладне. Едно од решенијата да не се седи во училиште до полноќ беше кратење на часови.

„Секоја втора недела беа скратени часовите за музичко и ликовно што мислам дека се навистина важни предмети во најмлада возраст. Исто така, што е погубно за децата, е тоа што им беа скратени часовите по физичко воспитување кои се неизмерно важни за деца во развој. А, она што ми се чини дека ќе остави најмногу последици е што речиси една година со половина одделение не се дружат и не се гледаат“,
вели Милица Бранковиќ, родител на ученик.

Ова полугодие не беше предизвик само за Балканот туку за цел свет. Нема готови решенија, а ова беше можност и надлежните да научат нови лекции – како во второто полугодие да нема деца кои не можат да следат настава.