Северна Македонија никогаш не била толку блиску до Европската Унија, имаме усвоена преговарачка рамка која јасно ги одредува чекорите што треба да се преземат за членството во ЕУ, ова е јасно и договорено, и условите се наведени таму, порачува германската министерка за Европа, Ана Лирман, во интервју за МИА. Во однос на прашањето за евентуално ново вето од бугарска страна, Лирман додава дека и тие се свесни дека ова е обврзувачко за нив и дека врз база на тоа ќе го оценуваат процесот.
„Како што кажавме претходно, јасно е дека во Европската Унија постои нова динамика околу проширувањето затоа што гледаме дека е во наш безбедносен интерес тоа да се случи што поскоро. Оваа динамика е и причината за посетата на австрискиот и другите министри за надворешни работи, како и за нашата посета, и тоа јасно покажува дека за нас е многу важен приоритет Северна Македонија да стане дел од ЕУ“,
вели Лирман.

Лирман, која беше во посета на земјава со Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за ЕУ на Република Полска, порача и дека јасно е дека сега постои голема можност во однос на проширувањето.
„После бруталниот напад на Русија врз Украина, целиот процес на проширување се здоби со нова динамика. Украина и Молдавија сега имаат кандидатски статус, минатото лето ги започнавме преговорите со Албанија и Северна Македонија, а техничкиот скрининг процес ќе заврши до крајот на годината. Така, постои уникатна можност за продолжување на преговорите за првите кластери на крајот од оваа година. Северна Македонија постигна голем напредок на патот кон ЕУ, многу реформи преку кои ја гледаме посветеноста кон ЕУ, па така сега е важно да се преземат следните договорени чекори – меѓу кои и уставните измени – за да се искористи оваа можност Северна Македонија да стане членка на европското семејство“
додава Лирман.