Полицајци од Секторот за недозволена трговија со дрога и од прилепската полициска станица утрово околу 1 часот заплениле марихуана вредна 200 000 евра на патот од Прилеп кон Градско. Таа била запленета во камион со албански регистарски ознаки, кој го управувал државјанин на Албанија. Крајна дестинација на дрогата била Грција.
Возачот е приведен, а според информациите од МВР, кога полицајците го запреле, им понудил мито за да не го претресуваат.
„При контролата, од страна на албанскиот државјанин на полициските службеници им биле понудени пари за да не извршат службени дејствија за контрола на возачот и возилото. Од страна на полициските службеници извршена е контрола, при што во приколката се пронајдени две големи торби во кои биле сместени 50 пакувања со марихуана во вкупна тежина од околу 50 килограми. Проценетата вредност на дрогата е околу 200 000 евра. Возачот е лишен од слобода и во текот на денот со кривична пријава ќе биде предаден на ОЈО Прилеп“,
изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
