Од СДСМ реагираа по прес-конференцијата на Ѓорчев, посочувајќи дека поткупот, уцените, заканите, гласачите од Пустец, исклучувањето лифтови, обидот за кражба на доверлив изборен материјал биле одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Заев претходно апелираше случајот да биде пријавен и документиран
Двајца кандидати на СДСМ за советници во Битола синоќа оделе во населбата Баиро и од возило со налепници на кандидатот за градоначалник Христо Кондовски делеле црни вреќи, изјави денеска на прес-конференција Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Луѓето што вадат црни вреќи во населбата Баиро во Битола, од возило со налепници на кандидатот за градоначалник на СДСМ во Битола, се Борче Корлевски, актуелен советник и повторно кандидат за советник во Битола, и Жаклина Наумовска, просветен инспектор и секретар на општинската организација на СДСМ во Битола, како и кандидат за советник. Сите знаеме што прават тие во Баиро во Битола. Сите знаеме зошто делат црни вреќи“,
рече Ѓорчев.
Тој објави и видео од настанот за кој тврди дека се случувал синоќа во битолската населба.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави денеска дека не е запознаен со случајот, ама, како што рече, лично ќе испита за што станува збор. Тој апелираше такви случаи веднаш да бидат пријавени и документирани, независно за која партија или личност станува збор.
„Ние сме во последната недела од кампањата, а од такви работи може само да се изгубат гласови наместо да се добијат гласови плус’,
рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Подоцна од СДСМ се јавија со реакција дека од ВМРО-ДПМНЕ почнале со барање алиби за поразот. Поткупот и уцените се нивен заштитен знак, возвратија од СДСМ, нагласувајќи дека изборите ќе бидат фер, слободни и демократски.
„Откако СДСМ ги предводи Владата и институциите, сите изборни процеси се фер, демократски, слободни и тоа е оценето и од ОБСЕ/ОДИХР и од сите домашни и меѓународни релевантни организации. Поткупот, уцените, заканите, гласачи од Пустец, исклучување лифтови, обид за кражба на доверлив изборен материјал беа одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Така ВМРО-ДПМНЕ спроведуваше избори за што можеше целата јавност да чуе и преку објавените разговори и тоа граѓаните не го забораваат“,
се наведува во реакцијата на СДСМ.