Пратеникот Драган Ковачки во име на ВМРО-ДПМНЕ го повика Ковачевски во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен, или лажел пред институциите и лекарите, а во спротивно, како што рече тој, ќе објават се што имаат
ВМРО-ДПМНЕ денеска го повика премиерот Димитар Ковачевски да објасни дали и зошто во 2001 година избегнал да служи воен рок во АРМ.
„Според информациите кои стигнаа до нас, премиерот Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок и тоа токму во периодот на воениот конфликт во 2001 година, односно не одговорил на повикот на својата татковина кога за тоа бил побаран и кога и’ бил најпотребен. Како и сите граѓани на Република Македонија кои во тој период служеа во редовите на АРМ, така и сегашниот нелегитимен премиер морал да се јави во војничките редови. Според информациите со кои располагаме, дезертерот Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок во АРМ. Причината поради која дезертирал е дека е, цитирам, трајно неспособен“,
рече на денешната прес-конференција, пратеникот и член на ИК на партијата Драган Ковачки.

Ковачки во име на ВМРО-ДПМНЕ го повика Ковачевски во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен, или лажел пред институциите и лекарите, во спротивно, како што рече тој, ќе објават се што имаат.
„Доколку е навистина трајно неспособен, тогаш мора веднаш да се повлече од премиерската позиција. Доколку дезертерот Ковачевски бил трајно неспособен да отслужува војска и да ја брани државата, тогаш како е способен да биде премиер?“,
праша Ковачки и побара одговорност и од Ковачевски и од СДСМ.