„Наместо кон зградата на Министерството за здравство, балоните со вода треба да ги фрлаат кон барокниот бел дворец, таму е срамот што со години не може да се измие. На ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не им е грижа ниту за јавното здравје, ниту за здравствениот систем, туку само политичко профитерство“, реагираа од СДСМ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го организираше третиот протест пред Министерството за здравство, за како што велат, да го искажат разочарувањето и незадоволството од справувањето со пандемијата предизвикана од ковид-19. Протестот го организираше Градскиот комитет на партијата под мотото „Здравје, а не провизија“, а на крајот од настанот, присутните фрлаа балони со вода кон зградата на министерството, за како што рекоа, да го „исперат срамот“ на премиерот Зоран Заев, министерот Венко Филипче и целата Влада.
„За овие бесрамници ве повикувам да им го измиеме срамот кој не сакаат сами да си го измијат“,
повика претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски најавувајќи дека ќе протестираат и наредната сабота.
Опозицијата повторно побара оставка од Филипче и го нарече „министер за здравство и провизија“.
„И како што го поздравивме српскиот министер за здравство, да го поздравиме и нашиот министер за здравство и провизија. Убијци се оние луѓе коишто, кога во државата починуваат 50 луѓе одат како Севернокорејци со хеликоптер да се шетаат низ државата“,
рече Нелоски.

Протестот ВМРО-ДПМНЕ го започна со едноминутно молчење во знак на почит за починатите 3 860 лица.
Пратеничката Дафина Стојаноска, која беше еден од говорниците, покрај за неспособност во набавката на вакцини, ги обвини здравствените власти и за недостиг на кислород за пациентите.

„Во вторникот имав обраќање од гостиварската болница и побарав одговор дали е вистина дека нема кислород во гостиварската модуларна болница. Знаете што се случувало после тоа, сите критични пациенти од модуларната болница во 23 часот навечер ги префрлале на нервното одделение каде има кислород и кое функционира како ковид одделение. Утредента веднаш го барале виновникот кој мене ми се пожалил. Зарем не гледа и не слуша Филипче дека сите се жалат и дека сите се во паника. И наместо да бара виновник на оние кои се жалат на катастрофалните услови за работа и за пациентите нека си се погледне нарцисот во првото огледало, таму ќе го пронајде најголемиот виновник за оваа состојба. Сега ќе му пренесам на Филипче друга молба од здравствен работник чијшто брачен партнер е опериран и заздравува од канцер. Ме моли и ме прашува што да направам кај да се потпишам ако не јас, барем болниот партнер да го вакцинирам. Можеби и овој јавен апел до Филипче ќе му помогне на овој здравствен работник, а како него има уште илјадници на кои вакцинирањето им е одложено за недоглед“,
рече Стојаноска.
Во говорите можеа да се слушнат и ставови на опозицијата дека ако навреме се набавеа вакцини, немаше да има толку голема бројка на починати, а за секој изгубен живот, според ВМРО-ДПМНЕ, одговорноста е на владата.
Со реакција за протестот се јавија од владејачкиот СДСМ од каде велат дека и денеска ВМРО-ДПМНЕ ја покажала својата неодговорна улога во борбата со коронавирусот бидејќи организацијата на протестот е неодговорен чин кој предизвикува опасност за ширење на вирусот.
„Наместо кон зградата на Министерството за здравство, балоните со вода треба да ги фрлаат кон барокниот бел дворец, таму е срамот што со години не може да се измие, срамот за сите штети врз граѓаните и државата. Процесот на вакцинација против коронавирусот е започнат и ќе продолжи во континуитет како што ќе стигнуваат вакцините од различни производители. Замислете, денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ е одржан во непосредна близина на Инфективната клиника каде моментално лежат пациенти со тешка клиничка слика заболени од ковид-19. На ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не им е грижа ниту за јавното здравје, ниту за здравствениот систем, туку само политичко профитерство“,
велат од СДСМ.
Свој коментар даде и министерот Филипче кој рече дека опозицијата од почеток на кризата не била конструктивна. Она што можам да го кажам, рече тој, е дека менаџираме максимално одговорно и посветено, со секојдневна комуникација и координација на сите чинители, директори, доктори и медицински сестри.
„Гледам дека апелите кон опозицијата не успеаја до сега, но ќе повторам: нека се обидат да бидат конструктивни, ако не помагаат барем нека не одмагаат. Ние даваме сè од себе“,
рече Филипче.