Од 27 март 2020 кога беше депониран Пристапниот протокол за членство до денеска, 27 март 2021 година
Северна Македонија точно пред една година го официјализираше членството во најголемиот воено-политички сојуз, Северноатланската алијанса. Во вонредни околности, во услови на пандемија со ковид-19, на 27 март 2020 година во Вашингтон вршителот на должност амбасадор на земјава во САД, Вилма Петковска, на американскиот помошник – државен секретар за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.

Tри дена подоцна, на 30 март лани, знамето на Северна Македонија беше кренато да се вее пред седиштето на НАТО во Брисел со знамињата на останатите држави членки.

Една година потоа…
И повторно во специфични услови на пандемија, денеска во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа церемонија на одбележување на првата годишнина од остварувањето на една од двете стратешки цели на земјава – членството во Алијансата.

Покрај државниот и воениот врв, присуствуваше и командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк, кој од вчера е во земјава по повод првата годишнина од нашето членство во Алијансата.
„Покажавте храброст, покажавте одлучност и упорност, горд сум што сум во истиот тим со сите Вас и целата Алијанса е посилна со вашето членство, сите сме посилни заедно“,
рече Бурк, потенцирајќи дека Алијансата е посилна поради заеднички принципи и вредности и, како што рече, нашата посветеност кон идеалите за слобода и демократија и цврста решеност за мир и стабилност.
Во обраќањето командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, истакна дека е тука за да оддаде почит и да се придружи на прославата.

Патот до членството беше долг и тежок, чекавме 20 години најмногу од сите кандидати во историјата на организацијата, но и покрај сите одлагања не се откажавме затоа што тоа беше и останува наша клучна стратешка цел од независноста до денес, изјави претседателот Стево Пендаровски.
Тој нагласи дека бевме свесни дека членството во НАТО не е гаранција дека веќе нема да се соочуваме со предизвици, бидејќи се тие неминовни за секоја држава во светот, меѓутоа членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и за одбрана ќе биде мултиплицирана.
„Нашата прва година од членство токму тоа го потврди. Пандемијата која што започна како здравствена криза брзо прерасна во економска,социјална и еколошка криза. Ние и светот претрпевме непроценливи човечки и огромни материјални штети. Се уште е многу рано да се согледаат сите долгорочни последици од оваа несреќа. Но едно е очигледно. Целиот свет живее во епоха на исклучитена непредвидливост“,
истакна Пендаровски.

„Членството во НАТО беше наша битка и ние оваа битка ја добивме со жртви, со ризици и со многу работа, но ја добивме. Членството на Република Северна Македонија во најмоќниот воено политички сојуз е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава, достигнување кое значи препознатливост во светот, стабилност и безбедност. Безбедност која нуди шанса за просперитет, која значи посакуваност на инвестициската авторитет и меѓуанроден углед“,
истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Во обраќањето, таа говореше за она што е постигнато на сите полиња во одбранбениот систем.
„Нашата армија како што денеска можевте и можете да се уверите има што да им понуди на сојузниците. Денеска го видовте нашиот сојуз, сојуз на небо и на земја. Сојуз на нации со исти вредности и иста цел, безбедност и мир во свет којшто стана уште понепредвидлив од пандемија, тероризам, засилена геополитичка конфронтција, сајбер напади, па се до лажни вести, климатски промени и елементарни непогоди. Сојуз во кој имаме што да понудиме“,
истакна Шекеринска во обраќањето на церемонијата.
Честитка за првиот роденден на Северна Македонија како членка во НАТО на состанокот оваа недела упати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Многу сум горд што го славиме првиот роденден од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и му честитав на министерот за надворешни работи денеска на состанокот, ова е добро за Северна Македонија и добро за сите сојузнички на НАТО“,
порача Столтенберг, заблагодарувајќи се за придонесот на македонските воени сили во операциите на Алијансата ширум светот и посебно во Авганистан.
Придобивки
Зголемена безбедност, подобра економија, повеќе инвестиции, а со тоа и подигнување на животниот стандард се дел од придобивките кои Северна Македонија ги очекува од членството. Официјализирањето на членството беше невообичаено, во услови на глобална пандемија, на закана за светската економија, но очекувањата се дека по завршувањето на кризата позитивните трендови ќе се рефлектираат во македонското општество и бидат видливи пред се во економијата.
Членството значи и учество во процесот на донесување одлуки. Досега министрите за одбрана и за надворешни учествуваа на повеќе состаноци на Северноатлантскиот совет (САС), највисокото одлучувачко тело на НАТО.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак оваа недела, присустуваше на состанокот на Северноатланскиот совет на ниво на министри за надворешни работи во Брисел, кој беше првата средба, што се одржа со физичко присуство по пауза од една година заради пандемијата со ковид-19.
Патот до НАТО
Официјализирањето на членството не значеше и крај на работата во насока на целосна интеграција на земјава со НАТО стандардите. Процесот целосно се очекува да заврши во ноември оваа година. Интеграцијата, додаваат од МО не е само воена, НАТО освен воен сојуз е и политички сојуз, што се темели на вредностите на демократијата, слободата, владеењето на правото и почитувањето на јавната дебата.
За интегрирањето на воените сили согласно НАТО стандардите, се работело и пред официјалното членство – зголемувањето на примањата на припадниците на Армијата, првпат сите припадници добиле бенефициран стаж, обезбедени се повисоки надоместоци за пилотите, воздухопловниот кадар, докторите, критичните специјалности, јубилејни награди, воведени се најдобри услови за пензионирање со десетте најдобри години, нови униформи и чизми, спроведени реконструкции на објекти и инстраструктура на Армијата…

Армијата е долгогодишен учесник во мировните мисии, особено оние предводени од Алијансата. Во Авганистан е од 2002 година, а во еден период Северна Македонија беше и четврта земја придонесувач во оваа мисија, според бројот на жители. Македонските војници остануваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, првпат со свои војници придонесува во силите КФОР на Косово, а со свои припадници учествува и во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА и во мисијата на Унијата во Централноафриканската Република. Продолжува со свои припадници да биде дел и од мисијата УНИФИЛ во Либан, под капата на Обединетите Нации.
Во однос на буџетот и достигнувањето на целта од Самитот на НАТО во Велс, два отсто од БДП да се одвојува за одбраната и тоа да го оствариме до 2024 година од МО велат дека трошоците за одбраната растат, според предвидените проекции. Оваа година буџетот за одбрана ќе достигне 1,57 отсто од БДП, односно над 11 милијарди денари.
Земјава ги стави на располагање на домашните капацитети во служба на НАТО. На армискиот полигон „Криволак“ веќе е зголемен маневарскиот простор. Пробиени се нови 33 километри пат од страната на Штип, обновени 17 километри постоечки патишта и оформена е обиколница околу целиот полигон. Планирана е обновата на патната инфраструктура да заврши пред почетокот на вежбата „Одлучен удар 21“, во мај оваа година, каде се очекува да земат учество околу 2 000 војници од Армијата на Република Северна Македонија и од армите на САД, Бугарија и Грција.

Со членството се отвора НАТО пазарот за нашите компании, земјава има пристап до НАТО фондовите, како и можност домашните компании да учествуваат на јавните набавки на Алијансата , кои во 2019 година изнесувале над 5,2 милијарди евра. МО воспоставува Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО пазарот, замислен како мала, ефикасна, агилна структура во која ќе работат неколкумина вистински професионалци, кои ќе им даваат насока и ќе им бидат поддршка на компаниите до овој голем пазар, што сериозно може да влијае на развојот на македонската економија.
На официјализирањето на членството претходеше период на ратифицирање на Протоколот за пристапување од страна на земјите-членки. Протоколот за девет месеци го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а ратификацијата во шпанскиот Парламент се оддолжи поради изборите во Шпанија. Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари лани со 114 гласа „за“ го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Законот беше донесен со одложено дејство и се чекаше ратификацијата во Шпанија, која беше комплетирана на 17 март 2020 година.

Парламентот во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година, а најблиску до НАТО бевме во 2008 година на самитот во Букурешт, но Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името. Откако по речиси три децении спорот беше надминат вратата за НАТО се отвори и за нешто повеќе од една година, по потпишувањето на Протоколот на 6 февруари 2019 година, Северна Македонија лани на денешен ден и официјално стана дел од евроатлантското семејство.
Пред почетокот на обраќањата, церемонијата започна со надлетување на три авиони од грчките воздухопловни сили како дел од НАТО Ер – полисинг мисијата.
