Министерот Маричиќ не сака да изнесува детали за стратегијата што ја подготвува државата како одговор на апликациите што стигнале од Европскиот суд за човекови права
Ексминистерката за правда вели дека очекува Владата да влезе во судска постапка и по повеќе основи да ја докаже незаконитоста и ништовноста на помилувањата што ги даде поранешниот претседател
Пред десеттина дена до Владата стигнало барање од Европскиот суд за човекови права во Стразбур да одговори во врска со поднесените апликации поврзани со предметите на поранешното СЈО. Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави денеска дека во овој период државата подготвува стратегија за настап, која, како што рече, ќе биде во одбрана на владеењето на правото и правната држава.
„Сега сме во почетна фаза. Стигнаа пред десеттина дена апликациите за одговор од Владата. Сѐ уште ги разгледуваме во нашите институции, интензивно работиме и се подготвуваме. Не би давал конкретни податоци што и како ќе се случува. Мислам дека ќе направиме соодветна стратегија за одбрана на владеењето на правото и правната држава“,
рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека Владата останува на својата доследна борба за владеење на правото, но не сакаше да изнесува детали за тоа како државата ќе постапува, со цел, како што рече, да не го загрози целиот процес
„Сѐ уште сме во една рана и почетна фаза, а Северна Македонија е странка во постапката и треба соодветно да се однесува. Не би ги изнесувал детално аргументите, ниту стратегијата на нашата позиција пред судот. Ние сме во една почетна деликатна фаза и секое изјаснување јавно на влади, на кој било владин претставник, може да има последици во натамошната постапка“,
рече министерот за правда.
Затоа, додаде тој, без да ги загрозам интересите на нашата држава во постапката, би кажал дека ние работиме на случајот, ги разгледуваме сите апликации, бидејќи не се работи за една, туку за повеќе апликации одеднаш и ги подготвуваме нашите аргументи и нашата стратегија.
Тој нагласи дека во оваа фаза на државата ѝ се остава можност од неколку недели за евентуално спогодување и, доколку тоа не се случи, натаму останува можноста за одговор на тужбеното барање и почнува постапката.
Повеќемина поранешни високи државни функционери, вклучително со експремиерот Никола Груевски, во Стразбур побараа да паднат предмети што ги отвори некогашното СЈО, повикувајќи се на аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов во 2016 година.
Доскорешната министерка за правда Рената Дескоска, во изјава за Дојче веле, вели дека очекува Владата да влезе во судска постапка и по повеќе основи да ја докаже незаконитоста и ништовнста на помилувањата што ги даде Иванов.
„Ова што се случува во моментов околу апликациите во Стразбур е стандардна постапка што се води по сите апликации без исклучок: државата се известува дека е тужена и ѝ се остава рок во кој таа треба да одговори на наводите од апликацијата или да се спогоди со апликантот. Јас очекувам дека Владата ќе влезе во судска постапка и ќе докажува незаконитост и ништовност на помилувањата по неколку основи: непостоењето на чл. 11 од Законот за помилување на кој се засновани тие помилувања, а чие непостоење е утврдено и од Собранието во по автентично толкување, како и дека чинот на помилување имаше форма на амнестија имајќи ја предвид масовноста на помилувањето. Исто така, веројатно, ќе докажуваат и законитост на повлекувањето на помилувањето, заради тоа што истото е сторено врз основа на чл. 11-а, како и тоа дека истиот претседател кој го дал, истиот и го отповикал помилувањето“,
вели поранешната министерка за правда.