„Во моментов се одвива анализа на целокупниот договор во координација со правните експерти во функција на наоѓање решенија за правните предизвици. Станува збор за надминување одредени предизвици детектирани согласно договорот“, велат од Министерството за одбрана
Од Владата велат дека е избрана адвокатската куќа ‘Three Crowns’, која ќе ги застапува и штити интересите. За другите прашања ни одговорија дека договорот е класифициран
Пред една година Министерството за одбрана објави дека почнува со набавка на хеликоптери за армијата од Италија. Станува збор за осум летала од брендот „агуста“, од кои првото требаше да биде испорачано во 2026 година.
„Со набавката на новите хеликоптери ќе дојде до значителна модернизација на воздухопловната компонента и подигање на способностите за извршување на мисии, како за потребите на Армијата, така и за другите цивилни институции во нашата држава,“
рече Славјанка Петровска, министерка за одбрана (14.03.2024г.)
Договорот, беше кажано тогаш, тежи околу 250 милиони евра и е потпишан со италијанската компанија „Леонардо“. Се случи пред избори, па тогашната опозицијата бараше прекин на набавката и истрага за корупција.
„Зошто и како баш оваа компанија ‘Леонардо’ од Италија е избрана, а не се избрани другите компании коишто конкурирале“,
кажа Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ (17.03.2024г.)
Летото по смената на власта, се промени и тонот на Владата. Новиот министер за одбрана порача дека има повеќе спорни прашања во договорот, но не и дека ќе се откажат од набавка.
„Тоа што техничкиот аранжман не бил заверен во министерството, но и многу други работи во договорот, што за жал не се на македонска страна, ќе се испитаат детално за една цел, а тоа е – да стигнат хеликоптери“,
порача Владо Мисајловски, министер за одбрана (13.03.2025г.)
Па, до каде е постапката за хеликоптерите? Дали ќе се репреговара договорот или Владата се подготвува за арбитража?

На 6 март годинава Владата одржа седница на која го задолжи Координативното тело за арбитражни постапки да најде странска адвокатска куќа со правни познавања од швајцарско и меѓународно арбитражно право, на барање на Министерството за одбрана. Телото, со кое претседава вицепремиерот Александар Николоски, имаше рок до 10 март да побара понуди.
Со оглед на тоа што помина еден месец оттогаш, во Владата прашавме дали е избрана и која адвокатска куќа со која ќе се советуваат за договорот за набавката на хеликоптерите.
Од Владата ни одговорија:
„Како Влада можеме да информираме дека е избрана адвокатската куќа ‘Three Crowns’, која ќе ги застапува и штити интересите. Во останатиот дел мораме да Ве информираме дека договорот е класифициран и не сме во можност да дадеме дополнителни информации“,
велат од Владата.

„Останатиот дел“, како што го нарекоа од Владата, се однесува на другите прашања на кои побаравме одговори. Кои се недостатоците и правните предизвици произлезени од договорот склучен со италијанската компанија „Леонардо“, што се очекува да бидат надминати со помош на меѓународна адвокатска компанија? До кога е рокот во кој треба да биде завршен процесот на консултации пред да се премине во фаза на репреговарање или арбитража? Прашањата се отворија по неодамнешното телевизиско гостување на министерот за одбрана Владо Мисајловски кој го повтори ставот дека договорот за хеликоптерите има многубројни правни недостатоци кои ќе треба да се надминат.
„Имаме ревизија направено и дадена е до одредени институции да се провери и таму ќе има некои процеси што некои ќе треба да даде одговори. Но мене што ми е најважно – како правно да ги исплатиме средствата, а тоа е втората рата за која морам да признам, иако текстот и членовите пишува дека треба да се исплати согласно член којшто не постои во договорот, а ние треба да исплатиме 35 милиони евра и за тоа ни е потребна правна експертиза, за да може да го платиме вториот дел, а исто така да разговараме како да го подобриме договорот“,
посочи Владо Мисајловски, министер за одбрана (13.03.2025г.)
Мисајловски кажа дека до крајот на март ќе имаат состаноци со претставници на италијанската страна за да се „испеглаат“ делови од договорот. Па, во Министерството за одбрана прашавме дали се одржале средбите и дали за „Леонардо хеликоптерс“ се прифатливи забелешките на македонската страна?
Оттаму само кусо одговорија дека избрана е компанија која ќе дава стручни правни совети во овој процес,
„Министерството ја проверува целата постапка на склучување на договорот и самиот договор. Притоа, постојат низа на правни предизвици во постапката и во договорот. Во моментов се одвива анализа на целокупниот договор во координација со правните експерти во функција на наоѓање на решенија за правните предизвици. Станува збор за надминување на одредени предизвици детектирани согласно договорот“,
порачаа од Министерството за одбрана.

Потписник на договорот за набавка на хеликоптерите е поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска. Според неа, симптоматични се најавите за арбитража, а смета и дека Владата нема основа да навлегува во таква фаза.
„Сметам дека Влада и Министерството се должни и имаат законска обврска, на најдобар начин да работат на имплементација на договор освен ако не сметаат дека има сериозни отстапки од тоа. Јас, за такви информации односно сознанија, дека има сериозни отстапки на штета на сметка на Република Северна Македонија, немам. Она што е последно е изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт кој претседава со Арбитражното тело кој соопшти дека побарале адвокатска куќа кој ќе посредува во ситуацијата. Без никакви детали дали имаме спор, кој е тој спор, од каква природа итн“,
вели Славјанка Петровска, пратеничка од СДСМ и поранешна министерка за одбрана.

Евентуалните недостатоци за кои зборува актуелниот министер, може да се надминат на други начини, вели таа.
„Јас искуствено можам да споделам дека при имплементацијата на претходни договори склучени влада со влада, кои јас сум ги наследила, се дел од континуитетот во министерството. Не се одраз на лична одлука. Сме наидувале на слични предизвици при имплементација на договорот. Без оглед дали станувало збор за точни датуми на утврдување на испорака на одредена опрема и вооружување, дали за начин на исплата и тоа едноставно сме го решавале во рамки на министерството и пред се во разговор со компанијата со која сме го склучиле договорот“,
додава Петровска.
За евентуалните недоразбирања и правни недостатоци се обидовме став да добиеме и од компанијата „Леонардо“, како и од амбасадата на Италија во земјава.
До затворањето на овој текст, не добивме одговор.
Досега за хеликоптерите се исплатени 39 милиони евра аванс уште минатата година. Но тоа е само првиот дел од сумата. Од развојот на настаните во следниот период ќе зависи дали италијанските „агуста 149“ и „169М“ ќе станат дел од македонското воено воздухопловство.