Ова ќе биде прва средба меѓу двајцата моќници од 2019 година, кога се сретнаа во Осака. Според планот, претседателите прво ќе разговараат насамо, а потоа ќе се сретнат и нивните делегации
Сите погледи денеска се вперени кон воената база во Енкориџ, Алјаска, каде што американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин треба да се сретнат во 21:30 часот по средноевропско време.

Трамп ја напушти Белата куќа и полета кон Алјаска околу 13:30 часот на најавената средба со Путин. Пред патувањето, Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал кратко напиша – „Високи влогови!“.
Руската делегација, пак, веќе пристигна во Енкориџ и беше пречекана со протести на 16 локации.
Ова ќе биде прва средба меѓу двајцата моќници од 2019 година, кога се сретнаа во Осака. Според планот, претседателите прво ќе разговараат насамо, а потоа ќе се сретнат и нивните делегации.
Белата куќа потврди дека американскиот државен секретар Марко Рубио, министерот за трговија Хауард Лутник и директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, ќе присуствуваат на состанокот во Енкориџ заедно со Трамп, покрај другите членови на американската делегација.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, привлече внимание со својот избор на облека по пристигнувањето на Алјаска. Лавров, кој веќе две децении е највисок руски дипломат, носеше бел џемпер со натпис „CCCP“, руска кратенка за поранешниот Советски Сојуз, под црн елек. Руските медиуми шпекулираа дали џемперот имал цел да ги исмее американските домаќини на нивна, домашна територија или да испрати порака до другите поранешни советски републики.
Украина, која Русија ја нападна во февруари 2022 година, беше членка на Советскиот Сојуз сè додека не прогласи независност во 1991 година.