„Јас немам увид и не можам да кажам дали некаде, во некој документ, во некоја оперативна обработка на одредени лица коишто биле безбедносно интересни, кои имиња се спомнуваат и не би можел да тврдам дали се спомнуваат или не. Ама тоа не значи дека тогашниот лидер на опозицијата бил формално заведен во оперативна форма на работење”, вели поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски во интервју за „360 степени“ кое во целост ќе го објавиме утре, а од кое вечерва пренесуваме еден сегмент
Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, останува на тврдењето дека за време на неговиот директорски мандат тогашниот лидер на опозицијата и актуелен премиер Христијан Мицкоски не бил прислушуван и следен. Димовски ја даде изјавата во интервју за „360 степени“ што е прв ваков негов јавен настап по брифингот во АНБ од 29 август година на кој беше соопштено дека Агенцијата доставила три известувања до јавното обвинителство за еден поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.
„Тврдам дека немало никаква документација што се однесува на прислушување и следење на поранешниот лидер на опозицијата, а доколку такво нешто постои, немаше да има потреба од ништо од ова што се случува, од овој циркус во парламентот, немаше потреба можеби и оваа емисија да ја имаме, ако одлучеа на едноставен начин да се декласифицира документацијата и да се објави“,
вели Димовски.
Прашан дали, сепак, името на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ може да се најде некаде во документите, Димовски одговара:
„АНБ е институција со неколку стотици вработени коишто имаат задача да прибираат информации на терен. Инструкциите, согласно праксата и работењето на ваквите служби и во развиените демократии, е она што ќе го добијат како информација на терен да се стави на хартија. Јас немам увид и не можам да кажам дали некаде, во некој документ, во некоја оперативна обработка на одредени лица коишто биле безбедносно интересни, кои имиња се спомнуваат и не би можел да тврдам дали се спомнуваат или не. Ама тоа не значи дека тогашниот лидер на опозицијата бил формално заведен во оперативна форма на работење, кои се законски и подзаконски дефинирани, кога службата може да примени со закон мерки за потврдување на првичните сознанија“.

Следуваше прашање – дали ова е елегантен, индиректен начин некој да биде оперативно обработуван, а формално да не биде предмет или таргет.
„А зошто би се служеле со елегантен начин ако имаме евентуално потврдени созанија дека некој, па било кој и да е, презема некои активности кои ја загрозуваат националната безбедност… Законот дава широки можности. Да ја видиме праксата во земји што се демократски далеку пред нас, кои се членки на ЕУ. Да ве потсетам на случајот Санадер во Хрватска, во времето кога беше премиер службите си презедоа соодветни активности и човекот беше процесуиран. Сличен е случајот во земјата во која јас извршував амбасадорски мандат – Израел. За Моше Кацав во време кога беше претседател на државата беа преземени мерки од службите. Кога АНБ би имала информации, доколку би располагала со информации, кој било од власт или опозиција дека презема активности што ја загрозуваат националната безбедност, ве уверувам дека не би имале никаква задршка да ги преземеме мерките коишто се гарантирани со законот. Во дадениот случај тоа не беше така“,
одговара поранешниот директор на АНБ.
Во интервјуто кое интегрално ќе го објавиме утре, Димовски го прашуваме и за наводите дека предмет на оперативна обработка биле министер во тогашната влада, јавен обвинител, медиуми, новинари, бизнисмени… Разговараме и за случајот со пратеникот за чија безбедносна проверка се тврди дека била чувана во фиока во постапка за добивање безбедносен сертификат, како и за најавената надзорна посета на АНБ од надлежната собраниска комисија.