Мерењето го прават група невладини организации со различна специјализација предводени од Finance Think. Ветувањата кои ги следат се од пет области од владината програма
Од мониторираните области, најмногу ветувања се остварени во образование. Најслабо стојат работите во обласитите здравство и особено во родова еднаквост
„Честа е голема да може да се говори за создавање нова Влада, но уште е поголема обврската поради добиената доверба.“ Вака Христијан Мицкоски го почна своето експозе како мандатар за состав на нова Влада на 22 јуни минатата година.
Во него тој вети борба со криминалот и корупцијата, обнова на довербата во институциите, нови инвестиции, подобра економија…
Речиси една година подоцна, граѓаните ги прашавме – дали Владата го исполнува тоа што го вети на ланските избори?
„Треба најмалку еден мандат па нешто да се покаже.“
„За своите џебови. Тоа исполнува.“
„Да ти кажам право, не знам, не читам, не можам да ти одговорам на ова прашање.“
„Па сè уште не баш. Треба да ги решаваат по приоритет. Една изборна единица, средување на Град Скопје, градски сообраќај, транспорт.“
„Па, сè уште немаме ништо. Сè уште не знаеме.“
рекоа граѓаните со кои поразговаравме.
Може ли да наведете некое ветување на кое се сеќавате, а е исполнето во меѓувреме?
„Не се сеќавам баш на такво нешто.“
„Да. Нивната лага.“
„Епа тоа се пензиите што ги качија 5 000 денари.“
„Ете, обезбедија некои пари, да кажеме. И ова со Британците и ова со Унгарците. Па ајде, нека ги употребат како што треба.“
„Не, не. Ништо.“
велат тие.
А некое што не е исполнето, а вам лично ви е важно?
„Не е исполнето, да ви кажам, прво чистотата каде што живеам јас во Гази Баба во скривниците. Тоа е катастрофа. Секој фрла ѓубре, а никој не води сметка.“
„Прво, не е чисто. Да не зборувам за чаршијата, за Калето, за други работи.“
„Не знам, не знам, навистина не знам.“
„Да го средат градот. Да го решат градот, нечистотија, ѓубре, центарот. Навистина, тоа е ургентно.“
„Аман, да не крадат. Аман ова она. Епа како ќе живееме? Безбедноста е многу важно сега тука моментално.“
одговорија граѓаните.

Finance think
Така велат граѓаните со кои поразговаравме во центарот на Скопје.
Подлабинска анализа направи Институтот за економски истражувања и политики Finance Think. Заедно со неколку специјализирани организации во различни области, тековно работат на две главни активности.
Од една страна прават анкети меѓу граѓаните за нивните согледувања во врска со пет различни области, а за истите области се следи и исполнувањето на владините ветувања од програмата 2024-2028.
За текот на првата година од владеењето, тимот истражувачи идентификувал 139 ветувања во владината програма. Досега, за исполнети ги сметаат 18, или околу 13 отсто од ветувањата. Дополнителни 51, односно 37% се во насока на исполнување. Статус на неисполнето, имаат 55 ветувања, што е околу 39,5 отсто. Од преостанатите, за 10 (7%) нема податоци, а за пет (3,5%) оценката е дека одат во спротивна насока.
„Најголеми постигнувања има во секторот образование. Таму исполнетоста е со девет реализирани мерки, а 26 се во тек на реализација. Со неков сличен прогрес се останатите сектори – социоекономски, млади и здравство, додека во делот на родова еднаквост нема исполнето ниту една од ветените мерки“,
вели Благица Петрески – извршна директорка на „Finance Think“.
Социоекономија и жени
Во областа „социоекономија“ истражувал тим токму од институтот Finance Think. Mапирале 43 ветувања класифицирани во неколку подобласти. Од нив досега се исполнети четири ветувања поврзани со даночни стапки и зголемување на пензиите.
Ветувањата што се во процес на исполнување, пак, главно се во делот на макроекономската стабилност.

„За разлика од исполнетоста, која во моментов не е можеби најзагрижувачки аспект, поголем ризик и поголема загриженост треба да бидат оние ветувања што во моментот одат во спротивна насока од ветувањата. Таквите мерки главно се поврзани со структурни реформи и со фискалната консолидација главно во делот на намалувањето на буџетскиот дефицит и оние што се поврзани со намалување на сивата економија, зголемување на продуктивноста, зголемување на инвестициите“,
вели Благица Петрески – извршна директорка на „Finance Think“.
Приоритет на граѓаните, пак, покажале анкетите, се јавните услуги од повеќе аспекти: достапност, квалитет и финансиски трошок.
„Тука особено би сакала да ги нагласам ветувањата во делот на платите во јавната администрација каде иако граѓаните сметаат дека тоа не е висок приоритет, дури и голем е процентот на оние што се противат на таквото зголемување на платите во јавната администрација, сепак платите во јавната администрација дури и побрзо растат од онаа стапка што е ветена, а тоа е дека ќе растат во согласност со економијата и тоа претставува еден од посериозните ризици“,
смета таа.
Здравство
Со делот „здравство“ се занимава Македонското лекарско друштво. Тие идентификувале 31 владино ветување во здравствениот сектор. Меѓу ветувањата кои ги бројат за остварени се зголемувањето на капитацијата кај матичните лекари, проширувањето на позитивната листа на лекови, како и укинувањето на економските директори.
Ветувања чие исполнување е во тек се вработувањето здравствени работници кои подолг период се со договор на дело, реновирањето и модернизација на здравствените установи, како и набавка на современа апаратура.
„Во наредниот период остануваат како голем предизвик неколку работи – длабинска реформа на примарната здравствена заштита, процес кој со анализи и препораки беше започнат уште во време на ковидот, регионализацијата на болниците со цел да се направи подобар пристап и поквалитетна здравствена грижа за граѓаните, дигиталната трансформација која е процес што е започнат но сè уште е потребно да се надградува системот „Мој термин“. Исто така, системот за долготрајна нега на болните. Тоа се т.н. домови за стари и изнемоштени лица кои во моментов во најголем дел се приватни домови“,
вели Кирил Солески – член на Македонско лекарско друштво.

А што мислат пациентите за актуелната состојба? Според истражувањето на лекарското друштво, граѓаните се најзадоволни од пристапот и од квалитетот на услугите во примарното здравство. Незадоволство има од долгите листи на чекање за специјалистичките услуги и од здравствената инфраструктура.
Граѓаните сметаат дека приоритетно треба да се реновираат и модернизираат болниците.
„Во однос на трошоците што граѓаните ги имаат при користењето на здравствените услуги, постои параметар што се нарекува плаќање од џеб. Кај нас тој процент е околу 46 отсто. Тоа се средства што граѓаните директно ги плаќаат за купување одредени лекови, помагала, користење одредени болнички услуги. Кај нас тоа е многу високо во споредба со европскиот стандард кој е околу 22 отсто. Најголем дел од овие трошења, околу 80 отсто се должат на набавката на амбулантски лекови“,
рече тој.
Образование
Во образованието, Македонскиот центар за граѓанско образование мапирал 37 мерки односно ветувања. За остварени бројат 9, во тек 26 и две неостварени.
„Најголемиот напредок е во областите на основно и средно образование, бидејќи таму се донесени или изменети досегашните законски решенија, така што и со тоа се направени предуслови за понатамошни политички мерки. Па така, на пример, изменет е за Законот за основно образование, изменет е Законот за средно образование, има Закон за учебници, подзаконски мерки и сл. Сите овие се некој чекор во остварување на дел од политичките ветувања, инаку дел од остварените мерки ќе ги напоменам – направена е сеопфатна ревизија на Концепцијата за основно образование, потоа се воспостави систем за проценка и наградување на успешни училишта и поддршка при реализација на нивните програми. Ова е процес кој што би требало да продолжи и во иднина“,
вели Ана Мицковска Ралева – проектна координаторка во МЦГО.

Сепак, според Мицковска–Ралева, во образованието допрва треба да започне спроведувањето на посложените мерки.
„На пример во програмата е планирано пилот имплементација на Стем концепт во некои основни и средни училишта. Ова не е операционализирано во програмата што е за очекување, меѓутоа исто така не можеме да го видиме пресликано во стратешкиот план и во годишниот план на МОН за следната година, така што станува да се види дали можеби понатаму ќе биде вклучен. Исто така, предвиден е центар за образование и развој на наставници и стручни соработници. И ова мерка како таква не е вклучена во овие стратешки документи иако се предвидува континуиран професионален развој на наставниците и стручните соработници, нели зголемен буџет за овие аспекти“,
смета таа.
Млади
Анкетите на Младинскиот образовен форум покажале дека за 80 отсто од младите најважен е пристапот до услугите, на пример, колку се достапни леглата во студентските домови за сместување.
„Приоритети што ги истакнуваат исто така се условите за вработување. Младите во истражувањето ја потенцираат потребата од флексибилно работно време. Тоа ни го потврдија и интервјуата што ги имавме директно со граѓаните и со младите. Исто така истакнуваат дека има огромен недостаток на пракса во образованието и дека нема многу можности за младите сами да почнат да развиваат бизнис идеи и да тргнат на патот на претприемништвото“,
смета Ристо Савески – претседател на Младински образовен форум.

Владата имаше ветување за многу од овие прашања, вели Савески, но малку е остварено.
„На пример, тоа се формирањето на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Центарот за истражувања на младински прашања во рамки на Министерството. Од она што го знаеме во директна комуникација со чинителите во Министерството е дека сè уште се екипира самото Министерство за да може понезависно и посамостојно да функционира“,
вели тој.
Во фаза на остварување се мерки како поголемо финансирање млади земјоделци, како и реконструкцијата на студентските домови. Но, има и мерки што не се остварени и нема најава дека ќе се остварат.
„Тоа е ветувањето за ваучер од 250 евра за 50 илјади студенти за електронски уреди. Тоа беше најавено на прес-конференција во Владата, меѓутоа тука и запре целата реализација. И владината мерка за ем-апликација за младински стандард која сè уште не е реализирана“,
рече тој.
Следењето на ветувањата дадени во владина програма не е работа која првпат ја првпат во Finance Think. Под надзор ја имаа и програмата на Владата за мандатот од 2020 до 2024 година каде, на крај, имаше повеќе неисполнети отколку исполнети ветувања.
Податоците за перформансот и на претходната и на актуелната влада се јавни. Ги има на интернет, под името „Компас – следач на владините политики“.