Новото дебатно издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, се емитува вечерва (23 јуни 2025 г.) од 21:15 часот на МРТ 1
Судскиот совет е во центарот на критиките, но и на надежите и очекувањата за подобрување на состојбите во судството. Ова тело, кое по дефиниција треба да биде независно, а во практиката го следат обвинувања за надворешни, пред сè, партиски влијанија, има надлежност да избира и унапредува судии, но и да ги казнува и разрешува. Тоа го прави исклучително важно и моќно во судскиот систем. Во ова издание на „360 степени“ на МРТ 1 гостува Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет. Ќе разговараме за неодамнешниот избор на претседател на Врховниот суд, зошто Африм Фидани сè уште нема дадено свечена изјава, за изборот во апелациски судии на сопругите на претседателот на Уставниот суд и на советникот за надворешна политика на премиерот, за случајот со поништувањето на изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка, како ќе се постави Судскиот совет во новонастанатата ситуација, за буџетот за судската власт кој наместо да се зголемува се намалува со предлог-ребалансот…
Емисијата се емитува од 21:15 часот на МРТ 1.