Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостуваат националните координаторки за имунизација и за трансплантација, Александра Грозданова и Билјана Кузмановска, се емитува вечерва (27 април 2026 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1 гостуваат две дами, национални координаторки, едната за имунизација – Александра Грозданова, и другата за трансплантација – Билјана Кузмановска. Иако, на прва, двете области што ги покриваат се чинат некомпатибилни, тие, сепак, имаат една важна нишка што ги поврзува, а тоа е потребата за јакнење на јавната свест и довербата зашто реалноста покажува неопходност од такво нешто. Извештајот за реализација на програмата за задолжителна имунизација на населението за 2025 г. што неодамна го објави Институтот за јавно здравје откри загрижувачки трендови во опфатот, особено со вакцината МРП, онаа против мали сипаници, рубеола и заушки. Од 19 369 деца што требало да ја примат, дури 7 215 не ја добиле првата доза од МРП. Поедноставено, на секои десет деца што требало, четири не ја примиле вакцината. Во сферата на трансплантацијата, пак, во тек е јавната консултација за измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со кои ќе се предвиди можност секој граѓанин, додека е жив, сам да даде согласност за органодарување за таа тешка одлука да не останува за семејствата по нивната смрт. Причината, меѓу другото, се стагнацијата во органодарителството и неколкуте случаи од почетокот на годината на потенцијални донатори за кои семејствата не дале согласност.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.
