Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува министерката за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, се емитува вечерва (2 февруари 2026 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Зошто Владата одбива на активен начин да се вклучи во дијалогот меѓу работниците и работодавачите и вели дека ќе поддржи сè што ќе се договорат тие во однос на минималната плата, дали Владата би ги покрила придонесите ако работодавачите се согласат да го покријат нето-делот од зголемувањето и персоналниот данок, зошто ВМРО-ДПМНЕ имаше еден став во 2022 година кога со политичка одлука беше зголемена минималната плата, а друг став сега? Ова се дел од прашањата на кои одговара министерката за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, која гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Разговараме за причините за реализацијата од околу 66% на капиталните расходи од буџетот за 2025 година и проекцијата за оваа година, вклучувајќи ја изградбата на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ и инфраструктурните проекти за општините (чија беше проценката дека е возможно на годишно ниво да се реализираат по 250 милиони евра за таква намена). Тема во интервјуто се и проектот „брза пруга“, причините за одолжувањето на процесот на потрага по кредитор, плановите за изградба и реновирање на болниците во Кичево, Тетово и Штип, како и најавите за инвестиции од Обединетите Арапски Емирати. Министерката ја прашуваме и дали судството и јавното обвинителство веќе оваа година ќе добијат повисоки буџети и согласности за нови вработувања.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.
