Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостуваат претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев, и поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, се емитува вечерва (27 ноември 2023 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Во новото издание на емисијата „360 степени“, кое се емитува вечерва (27 ноември 2023 г.) од 20:15 часот на МРТ 1, донесуваме две интервјуа – со претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, и поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, која во четвртокот беше разрешена од функцијата јавен обвинител.
Георгиев го прашуваме зошто и како апелацискиот судија Енвер Беџети, кој девет месеци го чувал во фиока предметот за масовното незаконско прислушување „Таргет-Тврдина“, заврши со 20% помала плата во следните шест месеци, а не и со разрешување. Што ако Оценската мисија на ЕУ препорача распуштање на актуелниот состав на Судски совет, зошто стриктно не се почитуваше ранг-листата при последниот избор на осуммина апелациски судии, точно ли е дека има иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, како лично ги оценува шесте месеци во кои шефува со Судскиот совет – се, исто така, теми за кои разговараме со Сашко Георгиев.
Вилма Русковска, пак, ја прашуваме – што мисли, што ѝ пресуди за да биде разрешена и зошто ова е еден од ретките примери на „консензус“ меѓу СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, имала ли притисоци да ги запре истрагите во конкретни предмети, каде „пукна тиквата“ во нејзините односи со Љубомир Јовески, дали државниот обвинител треба да се избира на предлог на Владата со просто мнозинство во Собранието, што мисли за работата на нејзиниот наследник во ОЈО ГОКК, Ислам Абази, дали во случајот „Рекет“ отиде до крај во откривањето на сите околности и инволвирани…
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.