Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува Крешник Бектеши, ексминистер за економија и висок претставник на ДУИ, се емитува вечерва (28 октомври 2024 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Крешник Бектеши, кадар на ДУИ кој од 2017 до 2024 година беше министер за економија, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го прашуваме нели е претерано да се каже дека она што се случува по изборите на меѓуетнички план нè враќа „на условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година“ (цитат од писмото на лидерот Али Ахмети до неколкумина странски државници), дали тоа може да се разбере како закана за нова војна и нели е самообезвреднувачко за ДУИ, зашто излегува дека и по 18 години на власт не постигнале ништо трајно за статусот на Албанците? Дали писмото од Ахмети до Мицкоски е со згрешена адреса бидејќи се однесува на одлуки на Уставниот суд? Колку тоа што ДУИ не е дел од владата е вина на самата партија, пред сè, поради начинот на кој ја практикуваа власта во последните години и дали треба да се очекуваат кадровски промени во ДУИ по повиците до Ахмети да се ослободи од корумпираните поединци околу него, се исто така теми на кои разговараме со Бектеши. Го прашуваме и дали има страв во редовите на ДУИ од евентуално кривично гонење на дел од поранешните функционери? Од економските теми зборуваме за тоа колку беше оправдано расцепкувањето на ресорот економија на четири дела, може ли да се препознае политиката на владата во делот на енергетиката, ќе поскапи ли струјата за домаќинствата од 1 јануари, што мисли за заемот од Унгарија.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.