Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, се емитува вечерва (4 ноември 2024 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, разговараме за неговото враќање во политиката по седумгодишна пауза, како и за внатрепартиската битка во ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје, функција на која Трајановски беше од 2009 до 2017 година. Директорот на ЈПДП го прашуваме како договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници, кој го склучи претходната влада, од историски криминал стана историски проект за ВМРО-ДПМНЕ, дали имало или има обиди за репреговарање на делови од договорот како што најавуваше премиерот, дали тој може да стане достапен за јавноста, колку пари досега му се исплатени на американско-турскиот конзорциум, дали се преиспитува договорот за надзор со конзорциумот предводен од „ИРД инженеринг“ во кој е „Електра солушнс“, како одат работите на терен, по која траса ќе се гради делницата Гостивар – Букојчани, кога би завршиле градежните работи на четирите делници… Тема се и предизвиците за автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Блаце, текот на изградбата на експресните патишта кон границата со Бугарија и Градско – Дреново, обвинувањата од СДСМ дека Коцевски го штити раководителот на наплата на патарините кој дозволил 40 автомобили незаконски да минуваат на патарините.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.