Новото магазинско издание на емисијата „360 степени” се емитува вечерва (13 јуни 2024 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Во ова издание:
– Претседателот и премиерот не се обични граѓани, тие ја претставуваат државата – одговара заменик-шефицата на грчката дипломатија Александра Пападопулу, во интервју за „360 степени“, за ставот на Силјановска-Давкова и на Мицкоски дека го почитуваат Договорот од Преспа, но дека имаат право на самоопределување и на слобода на изразување, па наместо Северна Македонија, усно да ја нарекуваат земјава Македонија;
– По изјавата на министерот за правда Кренар Лога дека судницата до „Идризово“, изградена со пари од ЕУ и од САД, е промашена инвестиција, од Делегацијата на Европската Унија велат: „…очекуваме дека властите целосно ќе ја искористат помошта што ЕУ ѝ ја дава на Северна Македонија“;
– Против корупцијата со антикорупциски стендап фестивал – репортажа;
– Охридскиот туризам со работници од Непал, Бангладеш и Филипини – колку е лесно или тешко да се увезе работна сила од надвор;
– Јавно-приватното партнерство донесе можеби поревносно празнење на контејнерите во Тетово, но и нови проблеми за тетовци – слика од терен;
-„Саботажа“.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.