Првото издание од новата сезона на емисијата „360 степени”, во кое гостува министерот за надворешни работи и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, се емитува вечерва (16 септември 2024 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, чие гостување во „360 степени“ на МРТ 1 доаѓа по петочната посета на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Софија, разговараме за причините за неистакнување на македонското државно знаме во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, протестната нота за бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков, одговорноста на протоколот на Сиљановска-Давкова, (не)свесноста дека имало проблем со оглед на јавното споделување на проблематичните фотографии токму од кабинетот на Сиљановска-Давкова… Муцунски го прашуваме и зошто тој немаше средба со својот бугарски колега од службената влада, Иван Кондов. Разговараме за тоа што Владата подразбира под „француски предлог плус“, колку чекањето да се формира политичка влада во Бугарија, всушност, е купување време пред меѓународните партнери и пред коалицискиот партнер дома, како уставни измени со одложено дејство нудат предвидливост во пристапниот процес и што ќе каже премиерот Христијан Мицкоски в четврток во Брисел. Зачестените контакти на претставници на унгарската и на македонската влада во последните месеци, кредитот од 500 милиони евра, зошто Унгарија би ѝ дала кредит на земјава кога има лоши макроекономски показатели дома, дали е точно дека Виктор Орбан доаѓа во посета на земјава до крајот на месецов – се, исто така, меѓу дел од прашањата. Кон крајот е „Саботажата“.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.