Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се емитува вечерва (12 јануари 2026 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Како се случи Украина и Молдавија да ја добијат поволноста „роаминг како дома“ од ЕУ пред Македонија и другите од Западен Балкан, ако се знае дека овие две држави имаат кандидатски статус од 2022 г., а земјава од 2005 г.? Станува збор за нефер и непринципиелен однос на ЕУ или за отсуство на иницијативност и реформи од Македонија? Ова е една од темите на кои разговараме со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Андоновски го прашуваме и кога е реално можно македонските граѓани да разговараат на телефон, праќаат пораки и да користат интернет на територија на ЕУ по цени како да се дома. Дел од интервјуто е посветено на т.н. е-услуги и проекти поврзани со нив, како што се „е-киоск“, „е-сандаче“, „е-бебе“, како и на дигитализацијата на личните документи. Разговараме и за обврските од Реформската агенда и за констатациите и забелешките во извештајот на Европската комисија за Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми. Тема се, исто така, целисходноста на студентските ваучери за купување електронски уред и јавната набавка за одржување на системот за управување со документи, за која колегите од БИРН („Призма“) посочија на серија коинциденции што водат до сопругот на државната секретарка во ресорот со кој раководи Андоновски.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.
