Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, се емитува вечерва (22 декември 2025 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Постконгресната динамика во ВМРО-ДПМНЕ, дали битката за наследник на Христијан Мицкоски е веќе започната, колку тоа може да влијае на работата на Владата, дали тој лично има амбиција да биде лидер на партијата, се првата тема во интервјуто со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Неизбежно разговараме за прашањето за „прием на одбиени азиланти од Обединетото Кралство“ и наводите на британските медиуми дека „балканската држава е во формални разговори со Обединетото Кралство за да биде домаќин на еден од центрите за враќање“. Може ли „не“ од македонската влада да има влијание на реализацијата на најавените проекти, на пример, оној за „брза пруга“, е едно од прашањата до Муцунски. Тема се и најавените, а досега неконкретизирани инвестиции од Обединетите Арапски Емирати. За односите со САД го прашуваме шефот на дипломатијата што доби земјава од тоа што се пореди прва во редот и од тоа што влезе во периметарот, дали може да ја дефинира политиката на администрацијата на Трамп кон регионот и какво значење има актот за демократија и просперитет на Западен Балкан. Дел од интервјуто е посветен и на закочениот пристапен процес кон ЕУ.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.
