Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, се емитува вечерва (24 ноември 2025 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Во екот на дебатата за буџетот за правосудството, во „360 степени“ гостува државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Темата е актуелна подолг период, но се реактуализира првично со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека судиите и јавните обвинители не ги заслужуваат ни актуелните плати, а не, пак, да добијат повисоки, за да кулминира со извештајот на Европската комисија во кој Брисел укажа на финансиска зависност на правосудството и на притисок врз оваа власт од извршната и законодавната. Во размената на пораки контекст додава и предлог-буџетот за 2026 година во кој ставките за судството и за јавното обвинителство се речиси идентични како за тековната година. Коцевски го прашуваме и дали ако тој замине од функцијата, власта ќе даде повеќе пари за јавното обвинителство, дали лично е задоволен од својата и работата на државниот орган со кој раководи и дали треба да си оди, како што вели премиерот. Разговараме за тековниот судски процес и за двете дополнителни истраги за трагедијата во Кочани, како и за некои други актуелни случаи, како што се оној во кој е осомничен ексвицепремиерот Артан Груби и оној за јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“, во кој е осомничен и притворен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“. Тема се и проблематичните масовни легализации на дивоградби во Општина Чаир и наводите на ексградоначалничката на Скопје дека некои од нив се правени со фалсификувани документи.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.
