Ќе продолжиме и со мерката 10% ДДВ уште две недели, до крајот на оваа кризна состојба, и потоа ќе ја следиме состојбата како ќе биде понатаму и така ќе реагираме, рече Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на утрешната вонредна владина седница ќе се коригираат акцизите на горивата, а ќе се дискутираат и другите мерки за кризата. Според владините калкулации по затворањето на берзата, дизелот требало да поскапи околу 7 денари, а бензините до два денари.
„Со утрешната владина седница, исполнети се условите за дизелот, односно акцизите да ги намалиме за 4 денари по литар, а за бензините 2 денари по литар. Така што, дизелот ќе се коригира, претпоставувам во понеделник, за околу 3 денари“,
вели Мицкоски.
Премиерот најавува обновување на разговорите со ОКТА, со оглед на тоа што нивниот попуст за горивата истекува на 6 април.
„Доколку го продолжат попустот од 3 денари за дизел, тоа ќе подразбира дека нема да има зголемување за дизелот, од онаа максимална цена која ја утврдува Регулаторната комисија, а за бензините, исто така 2 денари, тоа значи дека некаде околу половина денар ќе поевтинат и доколку ОТКА ги продолжи оние 2 денари за литар бензин, тоа значи дека ќе имаме повторно 2,5 денари поевтин литар бензин. Нормално, тоа ќе го афектира буџетот, ќе продолжиме и со мерката 10% ДДВ уште две недели, до крајот на оваа кризна состојба, и потоа ќе ја следиме состојбата како ќе биде понатаму и така ќе реагираме“,
рече тој.
Иако намалената акциза ќе влијае, сепак буџетот има кондиција, уверува премиерот.
„Многу ќе влијае, неколку десетици милиони евра. Бидете спокојни, буџетот има кондиција, ги враќаме старите долгови од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Имаме средства 2,5 милијарди евра да враќаме стари долгови. Го враќаме првата рата 25 милиони евра на солидарниот данок, сите потпишани колективни договори ќе се реализираат, мерките за помош на граѓаните ќе се реализираат, разликата е што ние не крадеме како што крадеа претходните и затоа има доволно пари во буџетот“,
вели Мицкоски.
Тој очекува „робусните мерки“ да влијаат при контрола на инфлацијата.
„Јас очекувам ние да се движиме некаде помеѓу 4, 5 проценти, ќе видиме. Но, врз основа на оние пресметки кои ги правиме, бидејќи следиме на дневно ниво со Пазарниот инспекторат очекувам да сме тука, да не биде како во 2022 и цениме дека овие робусни први чекори го даваат својот ефект. Министерството за финансии ги анализира сите основни прехранбени производи коишто се со 5%, да ги намалиме на 0%, да се практично без ДДВ, но тоа е премалку споредено со вие мерки кои се со похолистички пристап. Нашите прогнози и очекувања се дека ќе има продолжено дејство целата оваа криза, мора да се подготвиме за тешка година, но, како и да е, ние сме тука да ги следиме овие работи и да реагираме на приоритети, сите чинители. Се подготуваме за подолг период и потежок период и врз основа на приоритетите, така и ќе дејствуваме“,
посочи премиерот во изјава за медиумите по увид во градежни активности за изградба на новата училишна зграда во Општина Илинден.
