На денот на финалното гласање во парламентот, според предлог-документот, Владата треба да испрати писмо до земјите членки на Европската Унија и до Европската комисија за исполнување на обврската за одблокирање на преговарачкиот процес
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека од сите политички чинители очекува конструктивност, а документот да не се злоупотребува во корист на предизборната кампања
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција во седиштето на партијата ја претстави предлог-резолуцијата за утврдување на националните позиции во однос на евроинтеграцискиот пат на земјава.
Резолуцијата за т.н. црвени линии за земјава, која опозициската партија ја најавуваше подолг период, како што рече Филипче, се фокусира на два аспекта.

Првиот се однесува на почитување на определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Вториот – дека земјава е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, со исполнување на уставните измени, без прифаќање нови барања од билатерален или идентитетски карактер.
„Сите билатерални прашања со Бугарија ќе се решаваат со билатерални разговори и инструменти меѓу двете држави, на еднаква основа без да се создаваат нови блокади во преговарачкиот процес“,
се наведува во предлог-документот.
Во документот се наведени и предлог-датуми за спроведување на одредбите од резолуцијата поврзани со процесот на усвојување на уставните измени. Според предложената временска рамка, Владата треба да ги разгледа амандманите од 2023 година за внесување на Бугарите и другите етнички заедници во Уставот и да се изјасни дали останува на истиот текст или подготвува нов текст на уставните амандмани од 15 до 25 ноември 2025 година.
„Доколку се предлага нов текст на амандманите, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година. Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година. Собранието да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година“,
предвидува предлог-резолуцијата подготвена од СДСМ.
На денот на финалното гласање во парламентот, според предлог-документот, Владата треба да испрати писмо до земјите членки на ЕУ и до Европската комисија за исполнување на обврската за одблокирање на преговарачкиот процес и да ги достави потребните документи вообичаени за преговорите.
Во истото писмо Владата би ја повикала ЕК да организира Меѓувладина конференција помеѓу земјите членки на ЕУ и Северна Македонија, на која би се донеле потребните одлуки за одблокирање на преговорите за отворање на првиот кластер – Темелни вредности, не подоцна од 15 февруари 2026 година
Во изјавата за медиумите, Филипче рече дека ова се црвените линии кои ги предлага СДСМ, за кои додаде дека смета оти треба да бидат црвени линии на целата нација. Рече дека од сите политички чинители очекува конструктивност, а документот да не се злоупотребува во корист на предизборната кампања.
„Документот доаѓа во пакет со предлог-закон за улогата на Собранието во процесот на интеграцијатата на С Македонија во ЕУ, со кој се регулираат повеќе работи. Очекувам сите да бидат конструктивни и да не се злоупотребува за политички цели во предизборни кампањи“,
изјави Филипче.