Според СБУ, во операцијата биле поставени мини со 1 100 килограми експлозив на носечките столбови на мостот преку Кримскиот Теснец, а првата направа била детонирана денеска во 16:44 часот, според локално време
Украинската служба за безбедност (СБУ) објави дека денеска извела уште една акција чија цел овој пат бил Кримскиот мост кој ја поврзува Русија со полуостровот Крим. Во операцијата, која доаѓа два дена по масовниот напад со беспилотни летала длабоко на руска територија, бил користен подводен експлозив кој предизвикал штета на мостот.

Службата за безбедност на Украина (СБУ) објави дека станува збор за операција која била планирана неколку месеци и вклучувала поставување мини со 1 100 килограми експлозив на носечките столбови на мостот преку Кримскиот Теснец.
Според тврдењата на Службата, денеска, без никакви цивилни жртви, во 16:44 часот по локално време била активирана првата експлозивна направа.
СБУ на својата веб-страница и на социјалните мрежи објави видео за кое тврди дека го покажува моментот на детонацијата на еден од носечките столбови на мостот.
Регионалниот сервис на Радио слободна Европа објави дека успеале да ја потврдат автентичност на видеото, на кое се гледа голема експлозија под мостот.
СБУ провела нову унікальну спецоперацію і втретє вразила Кримський міст — цього разу під водою!
— СБ України (@ServiceSsu) June 3, 2025
Операція тривала декілька місяців. Агенти СБУ замінували опори цього незаконного об’єкта.
➡️ https://t.co/Rf4fR7QDXk pic.twitter.com/wgsS4HoCbc
Засега нема прецизни информации за штетата што ја предизвикала експлозијата.
Руските власти претходно на Телеграм соопштија дека патниот сообраќај на мостот што ги поврзува Русија и Кримскиот Полуостров е привремено запрен, без да наведат повеќе детали.
Кримскиот мост, долг 19 километри, преку кој се одвива патен и железнички сообраќај, е изграден од Русија и отворен во 2018 година, четири години откако Москва го анектира полуостровот. Мостот претставува важна логистичка маршрута за снабдување на руските трупи што окупираат делови од јужна Украина.
Мостот претходно беше оштетен во украинските напади во октомври 2022 и јули 2023 година и честопати беше затворен за време на овие инциденти.
Според украинските медиуми, новиот напад на мостот, односно операцијата изведена денеска била лично надгледувана од шефот на безбедносната служба на Украина, генерал-потполковник Васил Малјук, кој, како што се наведува, го координирал и планирањето на операцијата.
„Нелегалните руски објекти немаат место на територијата на нашата земја. Затоа, Кримскиот мост е апсолутно легитимна цел, особено имајќи предвид дека непријателот го користи како логистичка артерија за снабдување на своите трупи. Крим е Украина и секоја манифестација на окупација ќе добие наша решителна реакција“,
изјави Малјук.
Ова е најновиот во низата украински напади врз цели во рамките на териториите контролирани од Русија.
Изминатите неколку дена украинската војска ги интензивираше свои напади на руски цели откако претходно Москва изврши неколку жестоки напади на повеќе градови и региони во Украина, меѓу кои и главниот град Киев.
Нападите се случуваат во период кога САД под водство на Доналд Трамп се обидува да ги натера двете страни да постигнат мировен договор.
Во неделата, еден ден пред вчерашните преговори во Истанбул, украинската служба за државна безбедност – СБУ, изведе голем и прецизно планиран напад, кој бил планиран повеќе од 18 месеци.
Како што беше соопштено, операцијата под кодно име „Пајажина“ била изведена со помош на квадкоптери скриени во дрвени објекти налик на бараки, а шверцувани и монтирани до самите руски воздухопловни бази. Во нападот биле погодени повеќе од 40 воени авиони на четири различни локации во Сибир.
Меѓу уништените цели се наоѓале и стратегиски бомбардери „ту-95“ и „ту-22“, кои Русија ги користела за лансирање крстосувачки ракети кон украинска територија.
Денеска руските власти во окупираните украински региони Запорожје и Херсон, соопштија дека делови од нив биле цел на нови напади од Украина, а во кои цел била енергетската инфраструктура поради што без електрична енергија останале 600 000 жители на Запорожје и и 100 000 на Херсон.