Компаниите бараат нови образовни профили во стручните училишта кои ќе одговараат на потребите на бизнис-секторот, МОН стимулира отворање на што повеќе дуални паралелки веќе од следната учебната година
20-ина работници. Толку луѓе затекнавме на градилиште во Скопје, каде што нѐ пречека Менде Фидановски, раководител на изградбата на објектот. До неодамна, вели Фидановски, на слични градилишта работеле и по стотина мајстори, а сега недостига сѐ, од ѕидар до техничар.
„Фалат сите сектори во градежништвото, затоа што не сме покриени во ниту еден дел со солидна, едуцирана, квалитетна работна рака. Во изминатите години квалитетот опадна и бројот на работници кои се заинтересирани за работа во овој сектор е на минимум. Старосната граница е околу 50 години, а млади луѓе кои треба да научат и да го преземат занаетот веќе и да ги нема“,
вели Менде Фидановски, архитект и раководител на објектот

Менде и самиот е еден од се поретките примери на свеж кадар во градежништвото. Тој е архитект кој неодамна добил вработување во компанијата инвеститор на објектот, по неколкугодишна пракса.
Од градежната компанија која го ангажирала велат дека веќе неколку години бараат нов кадар преку пракса. Најчесто тоа го прават преку договори за прием на ученици на пракса од средните училишта од Скопје и од Струмица.
„На наше задоволство, голем дел од нив, по завршување на нивното образование и пракса, продолжуваат да соработуваат со нас преку професионален ангажман. Но, морам да потенцирам дека, за жал, од година во година се помал е интересот на младите да се образуваат во овие стручни насоки“,
вели Анета Дикова, менаџер за човечки ресурси во „Жикол“.

Компанијата сега прави нов чекор, покрај ангажирањето ученици на пракса од постојните стручни насоки. Бараат од училиштата отворање нови насоки, кои ќе одговараат на новите трендови во градежништвото.
„Во сите полиња каде што се бележи технолошки напредок, унапредувањето на курикулумот во согласност со новите трендови ќе донесе двоен бенефит. Од една страна, ќе се задоволат потребите на пазарот на труд, а од друга страна, ќе се стимулира развојот на градежништвото и ќе се постават нови стандарди во истото“,
додава Дикова.
Ана Спирковска е матурантка во училиштето „Здравко Цветковски“ од Скопје. Четврта година учи за архитектонски техничар и по завршувањето на средното образование планира да се запише на факултет. Заедно со Теодора, која е трета година во истото училиште, вели дека практичната настава им помогнала детално да се запознаат со она што планираат да го работат во иднина.
„Нашата задача на градилиштето е да го следиме целиот тој процес што се одвива при изградбата на еден објект и најчесто имаме дневници по практична настава каде што во дневниците го запишуваме целиот процес преку скици, визуелно, сликовито го прикажуваме и исто така има и текстуален дел“,
раскажува Ана Спирковска, ученичка во СГГУ „Здравко Цветковски“, Скопје.
„Според мене, мислам дека треба повеќе време да се посветува на праксата, бидејќи сепак е пракса и треба да знаеме како би се одвивало едно нешто на градилиште или како ќе изгледа тоа кога ќе одиме во проектантско биро, да се црта или било што поврзано со тоа“,
дополнува Теодора Ивановска, ученичка во СГГУ „Здравко Цветковски“, Скопје.
Училиштето „Здравко Цветковски“, каде што учат Ана и Теодора, има склучено договори за пракса на ученици со повеќе компании и за различни профили што ги бара бизнис-секторот. Она на што се фокусирани во моментов е воведување т.н. дуално образование кое би почнало идната учебна година.
Дуалното образование не е само пракса туку е модел во кој самите компании учествуваат и во наставната програма и во креирањето паралелки од одреден профил. Идејата е пресликана од Германија, приспособена на домашни услови. Во случајот на „Здравко Цветковски“, дуалното образование би ги опфатило паралелките со тригодишно образование, како што се монтери за сува градба и поставувачи на подови.
„Кога ние би успеале со ова што ни е план до 31 март годинава да се појавиме во тој конкурс како дуални паралелки, тогаш би го добиле токму она што се очекува од дуалното – обезбедена пракса, можна стипендија и обезбедено вработување за ученици кои што по третиот степен, секако, не можат да продолжат во високото образование, туку веднаш се вклучуваат во производство, односно во процес на работа“,
изјави Атина Томовска, директорка на СГГУ „Здравко Цветковски“, Скопје.

Иницијативата за што повеќе дуални паралелки ја турка Министерството за образование. МОН се обидува да направи промена преку дијалог со компаниите, за што беше организиран и карван наречен „Учи паметно, работи стручно“. На вкупно 20 средби низ земјава Министерството побара од компаниите да кажат каков кадар им недостига и како, преку соработка, да се надмине проблемот.

Десетици компании побараа итни законски измени и промена на уписната политика.
„Бараме ден побргу, час побргу, да се структурираат на вистински начин квотите за запишување и профилите од средното стручно образование“,
изјави Трајан Ангелоски, претставник на Сојузот на стопански комори
„Треба да го ограничиме и уписот на факултет. Треба да направиме пропаганда дека има работа и за средно образовани деца. Нашата компанија, не сакам да се рекламирам, но имаме просечна плата 900 евра од која, ако го тргнеме раководниот кадар, станува збор за 770 евра нето-плата месечно“,
порача Борис Хрисафов, генерален директор на „Усје“
„Да ја вратиме таа диплома мајсторска. Да ја институционализираме и да ја направиме потребна. Само еден пример ќе кажам како е во градежништвото. За да може да се настапи на некој објект се бараат дипломи и лиценци од инженерите, а од мајсторите не бараат ништо. Како да се чувствува тој млад кадар? Зошто да оди да учи кога никој не му бара диплома, кога може со курс или не знам, да оди со братучед му и да научи“,
изјави Велимир Петровски, директор за продажба во „Кнауф“
Министерката за образование Мила Царовска вели дека веќе се подготвуваат измени на Законот за средно образование. Според неа, суштината на социјалниот дијалог е да се разговара за образовни профили што одговараат на барањата на реалниот сектор, преку унапредување на соработката со училиштата.
„Сега сме во период кога навистина треба да преминеме кон пракса и реализација на што поголем број дуални паралелки и што поголем број на компании вклучени во подготовка и на програмите за реализација на наставата и теоретскиот дел, но исто така да ги отворат вратите и за практичниот дел и ако не е дуален, да може да се одвива директно во вашите компании“,
изјави Мила Царовска, министерка за образование и наука.

Дуалното образование веќе постои во земјава. Но, го користеа само десетина странски инвестиции.
„Значи, по старата програма тие доаѓаа кај нас само еден ден во неделата, што беше дефиниран ден за извршување на праксата во училиштето. Значи наместо во училиштето праксата ја извршуваа тука. Веќе со официјалното започнување на дуално образование од пред две години, тие еден ден во неделата доаѓаат во втора година, додека во трета и четврта поминуваат цели два дена наместо во училиштето, во нашата компанија“,
објаснува Тања Филиповска-Пенкова, менаџер за човечки ресурси во „Маркарт Македонија“

„Маркарт“ го спроведува дуалното образование со средното стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес. За потребите на компанијата се отворила и посебна насока алатничари, па четворица ученици од првата генерација кои го завршиле средното образование, веќе во септември успеале и да се вработат.
„Јас бев запишан на смерот машински техничар, моментално работам во алатница на машината глодалка. Одев тука три години на пракса по еден ден во неделата и супер беше се. многу ми значеше мене зашто кога дојдов првиот работен ден овде бев запознат и со машините, ја имав основата и се знаев со дел од колегите“,
вели Виктор Николовски, алатничар-машинист во „Маркарт Македонија“

Целта на дијалогот со фирмите на Министерството за образование е од септември да се отворат што повеќе дуални паралелки во сите региони низ државата. Според податоците од истражувањето спроведено во 450 компании, 85% од нив изразиле подготвеност за спроведување практична обука за ученици, а половина од нив веќе имаат некаква соработка.
До крајот на март компаниите заедно со училиштата до МОН ќе треба да достават понуди за соработка, по што ќе се одлучува кои профили во училиштата од септември би се ставиле во мирување, а каде ќе се отворат нови насоки по мера на бизнис-секторот.