Неговата официјална страница на Фејсбук објави дека Георгеску бил запрен во сообраќајот и одведен во Јавното обвинителство токму во моментот кога требало да поднесе нова кандидатура за претседателските избори
Калин Георгеску, фаворит на проруското крило на претседателската трка во Романија, денеска беше приведен на сослушување во врска со минатогодишните избори кои беа поништени по наводното руско влијание.
Неговата официјална страница на Фејсбук објави дека Георгеску бил запрен во сообраќајот и одведен во Јавното обвинителство токму во моментот кога требало да поднесе нова кандидатура за претседателските избори.
„Полицијата го запре и го однесе на распит! Каде е демократијата, каде се партнерите кои треба да ја бранат?“, стои во објавата.
Романските медиуми објавија дека обвинителите издале налог за апсење и ги претресуваат просториите на неговите соработници, вклучително и водачот на платеничката група, Хорациу Потра, и телохранителот на Георгеску.
Инспекторите го испитуваат финансирањето на неговата кампања минатата година, а во официјалното соопштение наведуваат дека истражуваат 27 лица за дејствување против уставниот поредок, јавно поттикнување насилство и основање фашистичка организација. Георгеску не беше конкретно именуван, но апсењето доаѓа откако неговите соработници беа поврзани со овие наводи.
Романија падна во политичка криза кон крајот на минатата година, откако Георгеску победи во првиот круг од претседателските избори и требаше да се соочи со реформистката Елена Ласкони во вториот круг. Сепак, Уставниот суд ги поништи изборните резултати поради сомневање за руско влијание врз исходот од гласањето.
Новите претседателски избори се закажани за 4 мај, додека вториот круг е закажан за 18 мај. Георгеску тврди дека апсењето и истрагата се обид да се спречи повторно да се кандидира.