Вие направивте сѐ што се очекуваше од земја-кандидат, но не сите земји-членки на ЕУ се подготвени за одлука за почеток на преговори во следните денови, изјави претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, по денешната средба во Брисел со претседателот на РСМ, Стево Пендаровски.
Изјавата на Туск е потврда за воздржаноста на некои држави, пред се, на Германија за брз старт на преговори за членство со Северна Македонија, зашто владата во Берлин сака одлука во пакет и за Албанија. Со оглед на неподготвеноста на Холандија и Франција да поддржат почеток на преговори со Албанија летово, канцеларката Ангела Меркел сака да ја одложи одлуката за наесен.
„Во изминативе две години, вашата земја ги испорача сите вистински политички сигнали што ЕУ ги очекуваше од земја-кандидатка. И отворањето на пристапните преговори беше во центарот на нашата денешна дискусија. Во согласност со мојата улога како претседател на Европскиот Совет, не би сакал да ги прејудицирам одлуките на ЕУ. Вие направивте се што се очекуваше од вас. Но, сакам да сум искрен со вас, не сите земји-членки се подготвени за носење одлука за почеток на преговорите во следните денови. Лично верувам дека може да има само една одлука: да се отпочнат преговорите, во согласност со препораките на ЕК, со двете земји – С. Македонија и Албанија. Прашањето денеска е: не дали туку кога? Ако сум малку претпазлив, тоа е затоа што знам дека постигнувањето консензус помеѓу 28 земји-членки понекогаш бара повеќе време отколку што би сакал“, изјави Туск по разговорите со Пендаровски.
Претседателот на РСМ изјави дека „овој јуни Европската Унија има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на нашиот регион со тоа што ќе и додели датум за преговори на Северна Македонија“.
„Граѓаните на Северна Македонија не бараат незаслужена награда туку заслужена шанса за изградба на европска држава со праведно, хумано и напредно општество“, рече Пендаровски во Брисел, прва дестинација по неговиот избор за шеф на државата.