Она што се гледа на видеата објавени на српските медиуми е како членовите на власта и опозицијата ги разделува собраниското обезбедување, додека тие меѓусебно се туркаат, влечат, удираат и полеваат со вода
Денешната расправа на пратениците во собранието на Србија наменета за предлог-буџетот за 2025 година прерасна во општ хаос и физичка пресметка меѓу пратениците од власта и опозицијата, пренесува српската Н1.
Хаосот во српскиот парламент настана во моментот кога министрите од владата на Србија влегоа во салата.
Она што се гледа на видеата објавени на српските медиуми е како членовите на власта и опозицијата ги разделува собраниското обезбедување, додека тие меѓусебно се туркаат, влечат, удираат и полеваат со вода.
— Ime Prezime (@Lozinkaje47169b) November 25, 2024
Инцидент имаше и во галеријата на собраниската сала, каде што исто така реагираше собраниското обезбедување.
Пратениците на опозицијата извикуваа:
„Убијци“.
Носеа и транспаренти на кои пишува:
„Крвави ви се рацете“.
Туркањето и физичкиот контакт меѓу претставниците на власта и опозицијата, како и на некои министри продолжи и пред говорницата.
Прво дојде до туркање, а потоа и физичка пресметка меѓу Бојан Торбица од Движењето на социјалистите (Вулин) и претседателот на ССП, Драган Ѓилас.
— Ime Prezime (@Lozinkaje47169b) November 25, 2024
За време на инцидентот во собранието се слушаа вувузели и свирежи.
Претседателката на собранието Ана Брнабиќ ги повика сите пратеници да се вратат во собраниските клупи.
„Ова е срам за овој дом“,
рече таа.
Таа ја прекина седницата, но инцидентите продолжија.
Инаку, пратениците на опозицијата најавија дека ќе ја блокираат работата на собранието бидејќи е одбиено нивното барање да се закаже седница на која ќе се расправа за гласање недоверба на владата поради несреќата во Нови Сад во која загинаа 15 лица.
Опозицијата ја обвинува владата за корупција и бара одговорност за трагедијата во Нови Сад.
Побараа оставки од премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
