Во Општина Кичево, по излевање на Зајашка река, поплавени се куќи и дворови на повеќе улици. По 12:00 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти

Според вонредните информации од Центарот за управување со кризи за состојбата до 17:00 часот со обилните врнежи, во Скопскиот Регион, во Општина Сарај поради поплавите во селата Буковиќ и Семениште, преземени се координирани активности за надминување на состојбата.
„Интервенираа екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја, одводнување на поплавените површини и создавање услови за постепено нормализирање на состојбата“,
соопштуваат од ЦУК.
Во Кумановскиот Регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излезе од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од селото, а најголем дел од поплавените површини се земјоделско земјиште. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се зафатени земјоделски површини.
Во Гостиварскиот Регион, по обилните врнежи од дожд се евидентирани повеќе случаи на поплавувања во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше.
„Во Гостивар и околните населени места пријавени се повеќе поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти, како и излевање на водотеци и затрупани канали. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, при што лицата се безбедно извлечени. Во село Форино е пријавено излевање на реката Вардар од коритото, со поплавени земјоделски површини и потенцијален ризик за куќите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Во координација со надлежните институции ангажирана е механизација за отстранување на пречките од речното корито“,
информираат од ЦУК.
Во Општина Кичево, по излевање на Зајашка река, поплавени се куќи и дворови на повеќе улици. По 12:00 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.
Лицата на кои им е потребно привремено сместување ќе бидат згрижени во спортската сала во Иванидол. На терен интервенираат екипи на ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијалната противпожарна единица, кои постапуваат согласно приоритетите и пријавите од граѓаните.
Свикан е Кризен штаб кој ја следи состојбата и ги координира активностите за заштита и помош. Од Општината апелираат на смиреност, трпение и внимателност, нагласувајќи дека ќе бидат искористени сите расположливи ресурси за справување со последиците од невремето.
На каналот „Давор“ на Јутјуб, објавено е видео од катастрофалната состојба во Кичево.
*Видеото е во сопственост на каналот „Давор“
