Црна Гора е единствената држава од земјите на Западен Балкан која ги отвори сите преговарачки поглавја со ЕУ. Затворени се (привремено) само седум, но проценките и на Подгорица и на Брисел се дека земјата би можела да заврши со техничкиот дел од преговорите веќе следната година
По таа динамика, можно е Црна Гора да влезе во ЕУ веќе во 2028-та година, се разбира доколку сите земји-членки кажат „Да“
Црна Гора е најмалата земја во Западен Балкан, и по површина и по број на жители. Но, кога станува збор за евроинтеграцискиот процес, е земја со најголема амбиција – до 2028 година да стане 28-та членка на Европската Унија.
„Ние напредуваме и возможно е доколку завршиме во 2026 година со техничкиот дел со преговорите, тогаш во 2028 г. можеме да го добиеме 28-от член на Европската Унија“,
изјави еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Од Брисел пристигнуваат оптимистички пораки дека Црна Гора може да го заврши процесот на пристапување до 2028 година. Но, зад таа волја, стои и обврска бидејќи сите поглавја се отворени, а само малку од нив се затворени. Прашањето е дали земјата ќе покаже доволно капацитет за реформи, за навистина да ја претвори оваа цел во реалност.

Во 2010 година, само четири години по прогласувањето независност, Црна Гора поднесе апликација за членство во Европската Унија. Две години подоцна и официјално ги отвори пристапните преговори според старата методологија.
Преговорите се поделени во 33 поглавја. Секое претставува една област од заедничкото европско право, т.н. аки – од правда и фундаментални права, па се до енергетика, земјоделство, транспорт и финансиска контрола. Процесот се одвива во неколку фази. По скринингот, се добиваат т.н. бенчмаркови за отворање на поглавјето. Откако ќе бидат исполнети, поглавјето и формално се отвора. Во текот на преговорите, за некои од поглавјата треба да се завршат и т.н. преодни бенчамаркови, како и бенчмаркови за затворање на поглавјето. Дури и кога ќе се затвори одредено поглавје, тоа се смета за привремено затворено се до целосното заокружување на пристапниот процес.

Црна Гора е единствената земја кандидат за членство во ЕУ од Западен Балкан која ги има отворено сите поглавја. Но, привремено се затворени само седум: јавни набавки, интелектуална сопстеност, информатичко општество и медиуми, претприемништво и индустриска политика, наука и истражување, образование и култра, надворешни односи.
Клучни во пристапниот процес и за Црна Гора, како и за сите други земји кандидати, се поглавјата 23 и 24 кои остануваат отворени до самиот крај на преговорите. Станува збор за областите – судство, темелни права, правда, слобода и безбедност.

По 12 години преговори, Подгорица лани го доби т.н. ИБАР извештај. Со тоа стана првата земја од Западен Балкан со потврда од Брисел дека ги исполнила т.н. преодни бенчмаркови во поглавјата 23 и 24 што значи дека земјата може да премине во фазата на нивно затворање. Овој напредок, за главниот преговарач на Црна Гора со ЕУ, Предраг Зеновиќ, е доказ дека во земјата сега има силна политичка волја за спроведување на барањата на Брисел.
„Забрзано се работи на тоа Црна Гора во текот на оваа година, на меѓувладините конференции кои се планирани за оваа година, како и во многу интензивниот план што го имаме за следната година, да ги затвориме сите преговарачки поглавја. Значи, процесот трае долго, долго време. Сега постои политичка волја од двете страни тој да се заврши. Администрацијата, и покрај тоа што е значајно исцрпена токму поради должината на тој процес, е спремна да одговори на барањата што самиот процес ги носи, и јас верувам дека со една заедничка сила, синергија што ја имаме со Европската комисија во преговарачкиот процес, и морам да кажам, со поддршката од сите земји членки кон европскиот пат на Црна Гора, имаме можност и шанса“,
кажа Зеновиќ.

Но, една работа е подготвеноста на Црна Гора и волјата на Европската комисија преговорите да финишираат следната година, а сосема друга е подготвеноста на земјите членки на Унијата да кажат „да“ за нов член во евроклубот. На нашето прашање дали сите 27 држави се спремни за прием на нови членки, Зеновиќ одговара:
„Јас би рекол дека мнозинството земји членки, ако не и сите, денес го имаат тоа уверување дека политиката на проширување е важна, дека развојот на Европската Унија на хоризонтално ниво, значи во вид на примање на нови земји членки е важен, и дека е важно тој да остане мериторен. И го делам уверувањето дека Црна Гора, и дека нејзиното членство во Европската Унија би било потврда токму на двете тези. Дека проширувањето е добро – и за Европската Унија, но и за земјите кандидати, дека е добро за Западниот Балкан, но и дека е многу важно тоа да остане мериторно, значи базирано на многу јасни правила и принципи со кои земјите кандидати се водат во пристапувањето во Европската Унија“,
изјави Зеновиќ.
Ентузијазмот на главниот преговорач не го делат во Центарот за граѓанско образование, невладина организација од Црна Гора која ги следи преговорите со ЕУ. Не дека не сметаат дека во моментов има расположение за прием на нови членки, туку дека Владата не делува толку одлучно во реформите како што тврди.
„Јас мислам дека тоа е тешко изводливо и со многу постручна, поентузијастична и поодговорна влада, отколку што ја имаме денес. А ние денес во таа влада имаме многу вето-играчи и најголем дел од оние кои директно се занимаваат со европските интеграции не знаат што е содржината на тој процес, што е она што е срцето кон кое треба да се однесуваат. Вредностите, европските вредности се целосно запоставени. И сè се сведува на една промотивна популистичка приказна, нашето Министерство за европски прашања и другите актери повеќе се занимаваат со своите профили на социјалните мрежи отколку со она што е комуникација со различни заинтересирани страни“,
кажа Улјаревиќ.

Во однос на ИБАР извештајот, нашиот соговорник смета дека Брисел и прогледал на Црна Гора „низ прсти“. А, додека власта говори за затворање поглавја, Улјаревиќ тврди дека има ризик повторно да се отворат и оние кои се привремено затворени.
„На пример, Црна Гора во овој момент ги има сите услови повторно да се отвори поглавјето 10, Информатичко општество и медиуми, бидејќи владејачкото мнозинство го блокира изборот на нови членови на Советот на агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, а токму функционалната независна работа на таа агенција беше она привремено мерило врз основа на кое, како штиклирано, Црна Гора доби дозвола привремено да го затвори тоа поглавје. Значи, тука се ограничува и развојот на една област. Што ни е она што е најтешко, што преостанува? Јас мислам дека тоа без сомнение е поглавјето 27, Заштита на животната средина, бидејќи тоа е многу скапо и бара огромни вложувања, но бара и значајна промена на свеста на граѓаните и граѓанките, на инвеститорите, на носителите на одлуки. И тоа е, мислам, многу, многу голем предизвик во оваа констелација на односи, посебно што тука се задира и во она што се вели паричникот или џебот на одредени структури и мислам дека тука ќе има многу проблеми“,
вели Улјаревиќ.

А што мислат оние кои треба да имаат и најголема полза од интеграцискиот пат на Црна Гора – граѓаните? По повеќе од една деценија преговори, не наидовме на многу ентузијазам.
Мислам дека сме скептични сите бидејќи секогаш имаме некаков рок и секој пат го досега го пробиваме, така што мислам дека сме скептични како народ.
Кој и да влегол во Европската унија не се прославил на ниту еден начин, и ниту една добивка немале државите со влезот, од една страна, а од друга страна мислам дека идеолошки сме дијаметрално спротивни, така што не ја гледам Црна Гора во денешната Европа, а сметам дека Црна Гора е всушност Европа.
Имаме многу внатрешни проблеми кои треба да се решаваат, а на кои политичарите апсолутно не им даваат на значење. Што ќе ми е, што ме интересира Србија или Европа, првин ние да си ја средиме нашата куќа.
Можам да ви кажам дека е подобро да влеземе во Европска унија, отколку да не влеземе и дека мнозинството од црногорскиот народ и граѓани е за влез, нормално.
Приказната за напредокот на Црна Гора не е наратив кој и е потребен само на владата во Подгорица, туку и на врвот на ЕУ, во Брисел. Како поинаку да се поттикне регионот во кој евроинтеграциите како да загубија здив и привлечност.

Нема гаранции дека исполнети реформи автоматски значат членство во посакуваниот клуб, но и нема гаранции дека Брисел бесконечно ќе оставен отворен кон идејата дека местото на Црна Гора и Западниот Балкан се во ЕУ – став што беше возобновен по руската агресија на Украина.