Стружани искажуваат загриженост за капачите, кои во топлите денови се разладуваат во Црн Дрим, но од локалната самоуправа посочуваат дека проектот е безбеден, со нисконапонска електрична енергија и велат дека не може да претставува опасност
Градоначалникот Рамиз Мерко синоќа на свеченост со огномет, официјално го пушти во употреба осветлувањето на речното корито на реката Црн Дрим во Струга.
Проектот, за кој Општина Струга плати 110 000 евра, го обои Дрим во повеќе бои.
„Должината на коритото е 900 метри, додека арматурата за осветлување беше поставена од двете страни на коритото со должина од 1 800 метри. Исполнувајќи ги сите архитектонски барања, осветлувањето на речното корито се реализира во согласност со регулативата на нормативните технички стандарди. Проектот вклучува инсталација на арматура изработена од нерѓосувачки челик“,
соопшти Општина Струга.
Стружани искажуваат загриженост за капачите, кои во топлите денови се разладуваат во Црн Дрим, но од локалната самоуправа посочуваат дека проектот е безбеден, со нисконапонска електрична енергија и велат дека не може да претставува опасност.
Еколозите предупредуваат за негативно влијание врз екосистемот.
„Осветлувањето на речните води го менува циркадијалниот ритам на живиот свет (се губи чувството за ден и ноќ). Дополнително, го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите, особено чувството за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење“,
напиша екологотот и професор по биологија, Кирил Пржо на својот фејсбук-профил.