Денеска напладне во Базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, Израел, започнува церемонијата за преземање на благодатниот оган. Првпат свое учество има македонско-црковна делегација предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Државната комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и шефот на делегацијата на Македонската православна црква – митрополит тетовски-гостиварски Јосиф Тодоровски.

На овој голем чин, кој се одржува секоја година на Велика сабота, има претставници од повеќе држави кои со владини и црковни почести го пренесуваат светиот оган во своите земји.
Министерот Оливер Спасовски порача дека станува збор за историски настан и дека му причинува чест што ја предводи државно-црковната делегација која првпат ја има честа да го преземеме благодатниот оган директно од Ерусалим.
„Ова е историски чин кој се случува веднаш по воведувањето во канонско единство и признавање на нашата света црква, ова е прва година во која директно од храмот со благослов на патријархот ерусалимски ќе можеме да го преземеме огнот и да го однесеме во Македонија. Секако дека е ова значајно за верата, значајно е за државата, за нашите граѓани, значајно е за нашата црква која веќе се вбројува во големото православно семејство“,
рече Спасовски.

Министерот Спасовски истакна македонската делегација синоќа присуствуваше на вечерната служба и црковната делегација ја имала честа да биде дел од сите црковни великодостојници во Ерусалим.
„Се поклонивме на гробот на нашиот Бог Исус Христос и мислам дека им е укажана голема чест и на државата и на македонскиот народ, на граѓаните кои живеат во нашата земја и секако на МПЦ-ОА“.
додаде министерот Спасовски.
Како член на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска порача дека денешниот настан е од големо значење и истакна дека Северна Македонија има плодна соработка со Израел во областа на културата и образованието.
„Првпат имаме шанса директно да го однесеме дома благодатниот оган во нашата држава, да го предадеме во МПЦ и потоа тој оган ќе продолжи да ни ги осветлува и домовите и храмовите во текот на целата година. Со државата Израел ние досега имаме плодна соработка, не само на полето на културата туку на полето на образованието, а се надевам дека таа соработка и понатаму ќе продолжи. Многу често соработуваме со државата Израел, со сите што имаат желба со нас да разменат искуства. Да продолжиме да учиме едни од други, да учиме не само во областа на религијата, туку да учиме и во областа на културата, да учиме за хуманоста за човештвото, за победата на животот и за тоа како да бидеме подобри во она што го правиме на секојдневна основа“,
рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Македонската државно-црковна делегација присуствуваше на утринската богослужба во Храмот на воскресението во Ерусалим на која чиноначалствуваше неговата светост, патријархот ерусалимски Теофил. Во пладневните часови е најавена церемонијата на преземање на благодатниот оган во Базиликата на Светиот Гроб.